Антонио Михајлов од Skopje Pride е говорник на ENGAGE

Еден од основачите на Субверзивен фронт и дел од организацискиот одбор на Skopje Pride, Антонио Михајлов ќе биде говорник на конференцијата за социјален активизам ENGAGE.

Михајлов е извршен директор на Субверзивен фронт – здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста од Скопје, Македонија. Пред да стане ЛГБТИ активист, Антонио работеше во продажба и маркетинг на софтвер во Норвешка, и интернет маркетинг во Белгија и Финска.

Неговите одговорности во С-Фронт вклучуваат обезбедување стратегиска насока на развојот на организацијата, осигурување на спроведувањето на програмата на организацијата во согласност со организациските мисија, визија и стратегиски цели и преку 5 стратегиски области.

Универзитетскиот профил на Антонио е во областите на менаџмент на е-бизнис, проектен менаџмент, маркетинг комуникации и организациски развој. Негови интереси се застапување за ЛГБТИ и женски права, обука и образование за род и сексуалноста, како и истражувања за ЛГБТИ теми.

Михајлов на ENGAGE ќе зборува на тема „Првиот прајд во Скопје – Солидарност, еднаквост, слобода“, за искуствата, значењето и пораките од првиот Прајд во земјата.

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи ќе се одржи на 22-ри февруари со почеток во 12 часот во МКЦ. Домашни и странски активисти ќе бидат говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е затворена, а за сите што нема да можат да присуствуваат ќе има стрим во живо.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.