„Антолог“ започна е-саем на книгата: Читањето е одличен начин полесно да се поднесе изолацијата

Издавачката куќа „Антолог“ од вчера започна свој е-саем на книга на сајтот antolog.mk.

Оттаму велат дека во период на изолација, зачувувањето на сопственото и на колективното здравје е врвен приоритет, а бидејќи традиционалниот скопски саем на книгата што се одржува секоја пролет е откажан, „Антолог“ ги претстави сите свои наслови по саемски цени.

Понудата важи само за онлајн-нарачки преку сајтот на „Антолог“ и сите нарачани книги на купувачите ќе им бидат доставени на домашна адреса, информираат од издавачката куќа.

Покрај ова, најавија и карантински муабети, видеорецензии, нови книги, книжевно караоке, онлајн-промоции, предизвици и награди и работилници за деца.

,,Ова е идеално време за читање бидејќи единствено книгата (во овие услови) може да нè однесе во возбудлива авантура на непозната дестинација. Читањето е одличен начин полесно да се поднесе времето поминато во изолација и затоа идејата на овој саем е да ги направиме книгите што подостапни за сите – по намалени цени, и тоа од удобноста и сигурноста на своите домови”, велат од „Антолог“.