Стотици антивладини демонстранти се дел од 24-часовниот камп во центарот на Приштина. Организирани од опозициските партии Vetevendosje, Алијансата за иднина на Косово (AAK) и Иницијативата за Косово (NISMA), демонстрантите бараат оставка на владата, пишува магазинот Косово 2.0.
Мини град е поставен на плоштадот Скендербег пред владината зграда, заедно со десетици шатори, тоалети, информациски пунктови и маси за храна и чај. Демонстрантите исто така се забавувани од палета на активности како филмски проекции, музика и говори.
Кампот беше поставен на 23 февруари, точно пред гласањето на замениците во Собранието за следниот претседател на Косово. Како дел од коалицискиот договор потпишан помеѓу Демократската Лига на Косово (ЛДК) и Демократската партија на Косово (ПДК), номинацијата на владата за претседателски кандидат ќе биде лидерот на ПДК, Хашим Тачи. Со мнозинството кое го има коалицијата во Собранието, малку е веројатно дека друг кандидат ќе има шанса за избор. Сепак, поранешниот премиер и сегашен заменик премиер и министер за надворешни работи, Тачи е во голема мера непопуларен меѓу популацијата во Косово.
Гласањето на Собранието е закажано за денеска. Медиумите известуваат дека слободен превоз ќе биде обезбеден од ПДК за поддржувачите на Тачи да патуваат во Приштина за славење на победата. Опозицијата исто така повика на масовен протест во исто време.
Потенцијалот на Тачи да стане претседател е последниот од серијата потези на сегашната влада кои водеа до опозицијата да ја блокира работата на Собранието. Од септември 2015 пратениците на опозицијата користеа разни начини за да ја прекинат работата на Собранието, вклучувајќи го регуларното користење на солзавец на седниците.
Во последните месеци опозицијата организираше масовни протести на кои присуствуваа илјадници граѓани против двата меѓународни договори потпишани од владата минатиот август – еден до Србија, со кој се воспоставуваат српски мнозински општини (познати и како „Заједница“) и еден со Црна Гора за демаркација на границата. Во декември, Уставниот суд на Косово пресуди дека елементи од договорот со Србија го кршат Уставот на Косово.
Демонстрантите исто така се револтирани поради високото ниво на корупција во владата, стагнирачката економија на Косово во која нивоата на невработеност се меѓу највисоките во Европа и константните проблеми во образовниот систем.
Приштинскиот магазин Косово 2.0 помина една вечер во кампот и ги праша некои од демонстрантите зошто се таму, нивното искуство во кампот и надежта за она што следи:
Тинка Курти
Возраст: 27
Занимање: Активист на Vetevendosje
Од: Приштина
Овде сум од вторникот, кога активистите за прв пат се собраа. Бројот на демонстрантите постојано расте. Јас останав тука вчера цел ден, минатата ноќ, и денес, и не сум премногу уморна. Освен активностите кои спонтано ги правиме овде ние исто така го користиме ова време за да се дружиме еден со друг и да се запознаеме повеќе. Споделуваме мислења и политички погледи со граѓаните, активистите од другите градови, со кои сме дошле заедно овде на плоштадот поради нашите заеднички цели. Не е досадно воопшто. Напротив, многу е интересно да се биде овде на плоштадот. Јас не верувам дека партиите на власт може да соберат дури ни три „про-заједница“ луѓе кои ќе останат тука, дури и за неколку часа, а да не зборуваме за колку што ние сме тука до сега.
Политичкиот моментум повикува на пад на владата. Ние сме решени да бидеме тука додека владата не падне. Ова не значи дека главните проблеми во нашата земја се „Заједница“ и процесот на демаркација. Но, политичкиот моментум повика на овие две прашања – тоа е можно да се запре и да се промени. И во моментот нашите главни заложби се: падот на владата, и паѓањето на овие две многу опасни договори кои беа потпишани во Брисел.
Овој протест обезбедува инфраструктура за протестот во петок, кога на седницата е поставено гласањето за претседател. Со Тачи во владата од 2007 година, многу штетни преговори се случија во врска со Србија. За време на Тачи, се направија многу груби приватизации кои оставија многу граѓани без работа, економската деградација е широко распространета и Косово има највисоки нивоа на корупција во регионот. Речиси од секој аспект се преземат чекори наназад. Засега нема никаков развој во текот на неговите два мандати.
Куштрим Троли
Возраст: 26
Занимање: Студент по медицина на Универзитетот во Приштина
Од: Приштина
Излегов на протестот со мојата девојка. Јас сум последна година на Факултетот за медицина. Дојдов на протест без оглед на мојата политичка припадност. Јас сум едноставно независен граѓанин. Мислам дека со овој протест, нов дух е присутен; за подмладување на нашата држава, за раѓање на нова надеж, надеж да се започне нов подобар живот. Ова ми пречеше , па од таа причина јас сум тука. Во петок јас дефинитивно ќе бидам пак тука.
Социјалните причини ме донесоа тука повеќе од договорите за асоцијација и за разграничување. Корупцијата , невработеноста, сиромаштијата ; оваа држава не ветува вработување, и тоа е она што ни треба најмногу. Инаку, како иден лекар, ако проблемите не се решат, јас ќе треба да го направам она што повеќето од моите колеги го прават учат германски , за да се преселат во странство. Ова е нешто што не ми се допаѓа . Сакам да работам во мојата земја. Јас не ја гледам поинаку. Атмосферата е таква што каде и да одите, луѓето зборуваат за криза, дури и пред протестите. Сепак, можеби со овие протести, може да најдеме надеж повторно. Ми се допаѓа формата на протест – музика, многу луѓе, повеќе како забава од протест.
Егзон Аземи
Возраст: 20 години
Занимање: Студент на филозофија на Универзитетот на Приштина
Од: Приштина
Вообичаено учествувам во сите простести организирани од опозицијата. Овде сум од вчера во 14 часот. И моето семејство е овде поголем дел од времето, бидејќи во овој момент нема што да се прави друго освен да се протестира, за младите, за старите, за сите генерации. Мајка ми и татко ми се овде. Имаше многу активности и синоќа и денес. Многу музички и културни активности, младински групи кои сликаа. И јас малку свирев… Рок, и стара традиционална музика.
Како млада личност во оваа млада држава, гледам што се случува од 2008 година. Навистина мислам дека дојде крајниот момент за цела младина да излезе и да прозбори. Кој ќе ја подобри оваа држава ако не младите?
Заедница, демаркацијата и Хашим Тачи се три причини за протест, но има и многу други важни причини, кои ја допираат секоја млада личност, секој од нас – невработеноста, деградацијата на образовниот систем. Во оваа земја каде нема перспектива, нема друга иднина, единствената иднина е оваа младина да протестира и да го смени системот кој го имаме денес.
Хашим, Иса (Мустафа) и други политичари докажаа низ нивните кариери колку придонесоа за Косово. Придонесоа за нивните семејства, не за населението. Го оставија сиромашно, невработено и култрурно оштетено во секој сегмент. Доволно е, на ова му доаѓа крајот. Револуцијата започнува.
Нора Темај
Возраст: 24
Занимање: Студент на архитектура на Универзитетот на Приштина
Од: Призрен
И јас дојдов овде синоќа и останав многу доцна, а истото ќе го направам и вечерва. Студено е, но тоа не е проблем, бидејќи е важно да бидеме овде.
Протестот ми е важен бидејќи неодамнешните настани во Косово ме разочараа како студент и следев сѐ што се случуваше со огромно внимание. Сега изборите за претседател се загрижувачки за сите жители, бидејќи е важно да се има претседател кој е одраз на единството. Мислам дека тој не е добар избор. Не се согласувам со идеологијата која ја претставува воопшто. Последните два меѓународни договори ја преминаа границата. Затоа не ги поддржувам овие избори.
Планирам да останам овде до самиот крај, додека не завршат протестите. Го гледам овој протест како ново движење, започнато од младите. Овој протест е младешки дух. Знаеме дека на овој плоштад порано имало протести, кои ги доживеале нашите родители. Но, ова е новата форма, најкреативната. Покажуваме дека можеме да го искажеме нашето разочарување мирно. Слично е на она што се случуваше во Турција, на протестот на Таксим.
Ветон Кастрати
Возраст: 25
Занимање: Политиколог/ Заменик претседател на НИСМА (Иницијатива за Косово) во Градското собрание на Малишево
Од: Малишево
Дојдов во Приштина да протестирам. Минатата ноќ останавме овде до четири часот наутро, слушавме музика, разменувавме анегдоти. Дојдов овде бидејќи Уставот на Косово е највисокиот документ во државата. Ако премиерот потпише интернационален договор со кој го поништува Уставот, таа личност не е легитимна да биде премиер според мене.
Има околу 200-300 луѓе од Малишево овде, но остануваат во три смени, за луѓето да не се изморат премногу. Гледам дека многумина почнаа да доаѓаат доброволно. Им се допаѓа оваа форма на протест, и секој ден е сѐ поголем и поголем.
Гурјета Зека
Возраст: 25
Занимање: Активист на Ветевендосје
Од: Приштина
Мојата должност во Инфо центарот е да им помогнам на граѓаните кои протестираат на плоштадот, оние кои имаат прашања во однос на сместувањето. На пример, ако им треба место да преспијат, или имаат прашања во однос на храната. Има голем интерес. И, ако го споредиме вчера со денес, забележуваме голем пораст во бројот на протестанти кои ни се придружиле. Има многу граѓани кои се понудија да помогнат на секакви начини, со храна, ќебиња, сѐ што ни треба. Задолживме неколку луѓе за различни нешта, како храна, финансии, логхистика, и зависно од тоа како сакаат да помогнат, ги упатуваме граѓаните кон нив.
Минатата ноќ времето пројде многу брзо. Денес малку врнеше, но не доволно за да предизвика проблеми. Вечерта почна да станува ладно, но граѓаните донесоа многу ќебиња, капи и секаква облека.
Ќе бидеме овде онолку колку што е потребно. Нашата цел е да спречиме Хашим Тачи да биде избран за претседател, и да побараме повлекување на владата.
Алкет Зекири
Возраст: 26
Занимање: Скулптор/активист на Ветевендосје
Од: Приштина
Овде сум од првиот ден, кога почнавме да ги креваме шаторите. Дојдов од Косовско Поле со многу други луѓе. Четири шатори сѐ на сѐ. Ние, активистите, сме одговорни за организирање на логистиката, но многу други чесни граѓани ни се придружија: пријатели, роднини, постарите. Верувам дека овој протест сѐ повеќе ќе расте. Денес имаше многу луѓе кои не беа овде претходно, а трендот расте. Вечерва служам кафе и храна, а преку денот правев други работи, чистев, се грижев за шаторите. Минатата ноќ со пријателите дискутиравме, читавме книги. Во последно време дискутираме повеќе за политичка идеологија, а разликата меѓу левицата и десницата беа темата минатата ноќ. Особено левицата.
Социолозите го дефинираат овој вид на протест како Ерос на масите. Има некој вид на љубов меѓу луѓето, додека сите остануваме заедно, спиеме заедно во шатори, се храниме еден со друг, создаваме некој вид на единство без преседан. Оваа форма на протест, за луѓето кои решаваат да живеат со нас во шаторите, е она што предизвикува еманципација која е поразлична од протестите кои траат два-три часа. Овој протест служи како начин за еманципација на нашето општество.
Бардил Ночи
Возраст: 40
Занимање: Професор на Факултетот за ветеринарна медицина на Универзитетот на Приштина
Од: Приштина
Дојдов овде вчера околу 14 часот. Моите причини за доаѓање се слични како и на другите. Мислиме дека овој режим мора да си оди. Не е логично луѓе кои го повредуваат Уставот да останат на позиција. Природно е да им се суди. Поминаа 16 години откако овие луѓе дојдоа на власт, и знаеме многу добро во каква состојба е Косово во моментов. Косово и понатаму е земја со најголема стапка на корупција во Европа, а истото може да се каже и за криминалот. Економијата е уништена, стотици и илјадници луѓе си заминаа само минатата година, и времето е сега или никогаш.
Извор: Косово 2.0