Антивладини протести ги тресат Србија и Албанија

Големи антивладини протести вчера беа организирани во Белград и Тирана. Во Белград на мирен протест излегоа илјадници Срби, додека протестите во Тирана завршија со повредени демонстранти, полицајци и новинарите.

Протест во Србија – опозицијата изброи 35 000 демонстранти, полицијата 7 500

Вчера попладне во Белград луѓе од целата земја се собраа на плоштадот во центарот на главниот град, главно млади демонстранти на возраст од 20-30 години, децидни дека сакаат веќе да живеат под режимот на претседателот Александар Вучиќ. Демонстрантите бараа оставки и од премиерката Ана Бурнабиќ и претседателката на парламентот Маја Гојковиќ.

Претставниците на протестот „Еден од пет милиони” порачаа дека се подготвени за разговор со надлежните органи и оти во следните денови ќе делегираат претставници за сите три предложени работни групи. Додека опозицијата изброи 35000 демонстранти, од Министерството за надворешни работи тврдат дека протестирале помеѓу 7.300 и 7.500 луѓе.

Како што изјави министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, претседателот Вучиќ сакал да им се обрати на собраните луѓе на протест во Белград „но кога ги виде бројките, колку луѓе дошле, тој едноставно се откажа“.

На протестот беше побарано формирање заедничка комисија на владата и опозицијата за дефинирање на фер и чесни изборни услови, изборот на нов состав на Регулаторното тело за електронски медиуми и изборот на технички и уреднички тим на Радио-Телевизија на Србија и Радио Телевизија Војводина.

Насилни протести во Албанија и повредени новинари

Во тензична атмосфера, со фрлање молотови коктели кон полицијата и водени топови кон демонстрантите минаа синоќешните протести во Албанија.

Запален е еден автомобил, а демонстрантите го пробија полицискиот кордон и се обидоа да влезат во зградата на парламентот. Врз владината зграда демонстрантите претходно фрлаа црна боја и шишиња со масло.Повредени има и на страната на демонстрантите, кај полицијата и меѓу новинарите.

На протестот, опозицијата соопшти дека присуствувале над 200.000 илјади граѓани од сите делови на Албанија.

Ова е трет национален протест со барање за заминување на премиерот Еди Рама и формирање преодна Влада, која ќе спроведе предвремени парламентарни избори.