Антинационалистички маршеви во Германија непосредно пред европските избори

Десетици илјади луѓе маршираа во повеќе градови низ Германија против десничарскиот популизам и национализам, само неколку дена пред изборите за Европскиот парламент. Демонстрантите во неделата се собраа под слоганот „Една Европа за сите: вашиот глас против национализмот“, во Берлин, Келн, Лајпциг, Франкфурт, Минхен и Хамбург.

„Тука сум, затоа што не сакам повторно да го доживеам она што го правеше една национално-социјалистичка партија за време на мојот живот. Тоа не смее повторно да се случи“, изјави 74 годишната Ренат Фогт, алудирајќи на идеологијата на нацистичка Германија.

Новинската агенција „ДПА“ извести дека на улиците на Берлин излегле околу 20.000 луѓе, додека бројот на демонстранти во Минхен и Хамбург бил околу 10 илјади луѓе. Во Келн, организаторите процениле дека на маршот имало 45.000 луѓе, надминувајќи ги нивните очекувања од 25.000 луѓе.

Европскиот парламент со своите 751 пратенички места има ограничени овластувања, но на анкетите се гледа како тест за моќта на десничарските, популистичките и националистички групи кои сакаат ограничување на емиграцијата и поголем авторитет за националните влади од една страна и лево-центристички партии кои ја сметаат ЕУ за бедем на соработката помеѓу 28-те земји членки, владеењето на законот и демократијата.

Неодамнешните анкети покажуваат дека крајнодесничарските партии како италијанската „Лига“, германската „Алтернатива за Германија“ (АФД) и француската „Национален фронт“ се очекува да постигнат добри резултати на претстојните избори.

Во Букурешт, главниот град на Романија, илјадници луѓе се собраа на плоштадот „Викторија“ каде формираа срце со пораката „Романија ја сака Европа“.

„Ние сакаме да потенцираме дека нивниот глас е важен и дека е многу важно да излезат и да гласаат. “, изјави организаторот на маршот Каталина Хопартеану.