Aнтикорупциската едукација да стане една од централните цели на образованието, предлага ИДСЦС

Значаен дел од младата популација не препознава одредени форми на корупцијата, а е особено слаба во тоа да увиди постоење на судир на интереси – кога некој е во позиција да одлучи во своја или туѓа приватна корист, покажуваат истражувањата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје.

Според нив, загрижувачки е фактот што постои високо ниво на толеранција кон овие негативни појави, а тоа како што посочуваат, дополнително ја истакнува потребата од создавање на антикорупциска клима во училиштата.

„Јавните дебати, разменувањето на мислења, вклучувањето на темата во образовните програми, се активности кои ќе придонесат за побрзо искоренување на корупцијата, како од образованието, така и од сите други сфери во општеството“, сметаат од ИДСЦС.

Од Институтот забележуваат дела оваа ткн. „социјална болест“ има пуштено корени во секоја институција, а тоа ja уништува економијата, ја поткопува социјалната стабилност и ја нагризува јавната доверба.

„Недостатокот на општо препознавање на корупцијата ги прави младите повеќе ранливи и помалку отпорни на корупција. Образовниот процес може да ги подготви младите да ја препознаат корупцијата, нејзините форми и начините на кои може да ја спречат или пријават. Борбата против корупцијата веќе е тема во основното образование, од скоро влезе како тема во средното стручно но важно е и што побргу да стане тема и во гимназиското образование“, забележуваат од ИДСЦС.

Тие заедно со Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, периодов спроведоа пилот предавања за борба против корупцијата при што беа вклучени 8 средни училишта, едуцирани беа 13 професори, а формална едукација имаа повеќе од 600 ученици од 6 градови.

„Антикорупциското образование интегрирано во училишните активности е можност младите да добијат структурирани и објективни податоци. Меѓутоа, во услови кога се обмислува посеопфатна реформа на образовниот процес, државата може да постави поамбициозни антикорупциски цели на образованието“, сметаат од Институтот.

Тие забележуваат дека борбата со корупцијата е долг и сложен процес кој бара вклучување на сите чинители во општеството.

„Затоа антикорупциската едукација треба да стане една од централните цели на образовниот процес, насочена кон градење на генерации со личен интегритет спремни да се спротивстават на корупцијата. Значи покрај едукативната цел, каде ќе ги научиме младите да ја препознаат корупцијата, антикорупциската едукација треба да има и своја воспитна цел. Затоа, уште од самиот влез во образованието, па се до крај, државата треба да насочи образовни ресурси кои ќе креираат вредности на отпор кон корупцијата, како почитување на ред и закони, вреднување на фер однесување, работење во корист на заедницата и доверба во луѓето“, порачуваат од Институтот.

Оттаму посочуваат дека со вклучувањето на младите во борбата против корупцијата, се воспоставуваат вредности и интегритет за придвижување на општеството кон антикоруптивни практики.