Антикорупциска комисија „чешла“ нови случаи за вработувања

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), по направената анализа на 10 предмети за постапка за вработување од 2004 до 2019 година, на седница констатира елементи за непотизам или влијание при вработувањето на блиски лица.

Антикорупциска ќе проверува како лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во време додека бил директор на државната ЕЛЕМ и советник за енергетика на поранешниот премиер Никола Груевски, стигнал до државно земјиште од 33 илјади метри квадратни и како добил концесии за изградба на хидроцентрали.

Освен тоа, антикорупционерите ќе го проверат и вработувањето на Назим Хани во ЕЛЕМ, син на заменик генералниот секретар на Влада Тахир Хани, бидејќи, според нив, има индиции за непотизам.

Од конкретно разгледуваните случаи се посочија вработувањата на ќерките на поранешната претседателка на Уставниот суд Елена Гошева, Слободанка Гиева во тогашен Т-Мобиле, која во 2017 година била унапредена во главен директор за човечки ресурси и регулативи и Бојана Гошева во АЕК.

Меѓу споменатите e и Христина Божиновска, вработена во АЕК, сопруга на Кирил Божиновски поранешен генерален секретар во Владатa.