Анти-воени протести ширум светот по рускиот напад врз Украина – во Москва уапсени над 1.800 демонстранти

Бројни анти-воени протести се одржаа вчера ширум светот откако Русија ја нападна Украина. На протестите во Русија, според последните информации на организацијата „ОВД“ биле уапсени 1.823 лица во 58 градови.

Украинската дијаспора во Токио организираше протести на улиците поради нападите. Пред рускиот конзулат во Истанбул исто така се одржа протест, каде беше побарано да се забранат руските бродови од теснецот што го поврзува Црното Море со Средоземното Море, јавува „Дојче веле“.

Група демонстранти се собра и пред руската амбасада во Мадрид. Премиерот Педро Санчез рече дека неговата земја „ќе го брани меѓународното право и ќе покаже солидарност со населението погодено од војната. Демонстранти се собраа и на улиците пред Брандербуршката порта во Берлин.

Руската инвазија беше осудена и на Вацлавскиот плоштад во Прага.

Во меѓувреме, медиумите наведуваат дека протести се организирани и во Франција, Холандија, Кипар, Норвешка, Шведска и Италија.

„Балкан инсајт“ пренесе дека протести се одржаа и во регионов. Протестни собири беа организирани во Белград, пред руската амбасада, како и во Тирана. Истовремено, протест беше одржан и во Приштина, организиран од Косовската група за феминистичка акција.  „Радио Слободна Европа“ вчера јави дека десетици украински државјани одржале протест во Подгорица.

За денеска е најавен протест и во Скопје кој треба да почне во 14 часот и 30 минути на плоштадот Македонија. Протестот кој го организира украинската дијаспора во земјава е најавено подоцна да продолжи и кон Амбасадата на Русија.