Анти-владините демонстранти во Ерменија го блокираат сообраќајот во земјата

Лидерот на ерменската опозиција, Никол Пашинјан ги повика илјадниците демонстранти на генерален штрајк денеска, откако владејачката Републиканска партија не дозволи тој да биде избран за привремен премиер до одржување на нови парламентарни избори.

Обраќајќи се на неколкуте десетици илјади приврзаници, собрани на плоштадот во главниот ерменски град, Ереван, тој ги повика да ги блокираат патиштата, аеродромите и железничкиот сообраќај.

Пашинјан не успеа да собере доволно гласови за да стане технички премиер и покрај тоа што беше единствениот предложен кандидат за функцијата, која е испразнета по повеќенеделните анти-владини протести кои беа причина досегашниот премиер Серж Саргсјан да даде оставка.

„Ќе ги блокираме улиците, аеродромите, метрото, железницата, сè што може да се блокира“, изјави Пашинјан пред демонстрантите, пренесува ББЦ.

„Доколку сите учествуваме во целосна граѓанска непослушност, тоа ќе биде целосна победа на граѓаните на Ерменија. Нашата борба е борба на ненасилство, мирен чин на граѓанска непослушност“, додал Пашинјан, повикувајќи ја и полицијата да се приклучи на протестите.

Владеачката Републиканска партија според најавите дала ветување дека нема да го блокира изборот на Пашинјан за премиерската функција во обид да се смират тензиите во земјата. Но, во деветчасовната дебата во парламентот, дел од пратениците од власта го обвинија опозицискиот лидер дека предизвикал хаос на улиците и дека тој не може да ја врши премиерската функција.

Кога станало јасно дека нема да ја добие поддршката, Пашинјан се обратил на пратениците дека „републиканците објавиле војна на ерменскиот народ“.

Пашинјан добил само 45 гласови од неопходните 53, потребни за мнозинство во парламентот кој брои 105 членови.

Досегашниот премиер Саргсјан, кој 10 години претходно беше претседател на Ерменија, минатиот месец поднесе оставка, само неколку дена откако беше избран на новата функција.

На таа одлука го принудија масовните протести на улиците на Ереван, на кои граѓаните го обвинуваа за обид по секоја цена да се задржи на власт.

Паршинјан, кој е поранешен уредник на весник и кој ветува дека ќе ја ослободи Ерменија од корупција, сиромаштија и непотизам, бара брзи вонредни избори.