Анти-муслиманските групи речиси тројно се зголемиле во САД во минатата година

Бројот на организирани анти-муслимански ксенофобични групи во Америка речиси тројно се зголемил минатата година – од 34 на речиси повеќе од 100. Статистиката ја покажува ново истражување од Southern Poverty Law Center, левичарска непрофитна организација која ги следи и истражува екстремистичките групи.

Центарот смета дека за ова е должна „запаливата реторика“ на Доналд Трамп и неговата претседателска камапања која ја зголеми омразата кон муслиманите во САД. Освен тоа, ги споменуваат и терористичките напади како стрелањето во ноќниот клуб Пулс во Орландо минатиот јуни.

Неколку советници во Белата куќа, како Стив Бенон, Стивен Милер и Келиен Конвеј, се „сериозни анти-муслимански идеолози“, вели Марк Поток, главен истражувач на годишниот извештај за радикалните групи.

Новиот извештај покажува и дека сега има повеќе од 900 активни групи за омраза низ САД – од Кју Клукс Кланот до нео-нацистичките клубови и расистичките сепаратистички организации. Со тоа, има пораст од три проценти од 2015 година, според годишните извештаи на центарот. Најголем број на ксенофобични групи имало во 2011 година – вкупно 1018 организации.

„Метеорскиот раст на Трамп во минатата година разгоре многу од овие расисти и радикално-десничарски екстремисти“, заклучува извештајот. Истовремено, кампањата на Трамп ја „исцицала енергијата од независните екстремистички протести и собири, бидејќи десничарските поддржвачи избираат наместо тоа да присуствуваат на собирите за поддршка на Трамп.