Anonymous обвинува фирма од Силиконската долина дека ги штити веб-страниците на ИСИС

„Анонимусите“ ја обвинуваат фирмата од Силиконската долина CloudFlare дека ги штити некои од веб-страниците на терористичката организација ИСИС од нивните сајбер напади.

CloudFlare на корисниците им овозможува разни алатки за одбрана од вируси и хакерски напади.

„Анонимусите“ тврдат дека една конкретна услуга – следење на конекциите преку сопствена мрежа, им помага на веб-страниците на ИСИС да се одбранат од хакерските напади и да продолжат со ширење на пропагандните снимки.

Според еден неодамнешен извештај, CloudFlare штити 40 веб-страници поврзани со тероризам, од кои 37 шират пропаганда на ИСИС, пишува Independent.

Од компанијата велат дека има милиони веб-страници кои ги користат нивните услуги, поради што е тешко да одговорат на барањата сајтовите да бидат исклучени. Додаваат и дека нивните услуги се легални, и властите побарале од нив да продолжат да ги сервисираат тие веб-страници за да можат да продолжат со нивно анализирање.

„Мислам дека ова е некоја анализа правена од деца на шега и тешко ми е да ја сфатам сериозно“, вели Matthew Price, извршен директор на CloudFlare.

Anonymous му објавија„сајбер војна“ на ИСИС набргу по нападите во Париз на Twitter.