[Анкета] Студентите не ја прифаќаат одлуката на МОН за државен испит

Порталот Факултети објави дека викендов спровел анкета според која јасно се гледа расположението на студентите против одлуката на Министерството за образование и наука да се воведе полагање на државен испит во текот на студиите.

[Анкета] Студентите не ја прифаќаат одлуката на МОН за државен испит

Како што најави министерот Абдулаќим Адеми, студентите ќе треба да полагаат државен испит за проверка на знаењето двапати – по втората и четвртата година на студирањето.

Според овој студентски портал, од вкупно 3703 читатели кои учествувале во анкетата, само 277 (7%) сметаат дека полагањето државен испит во текот на студиите е праведно, додека останатите 3426 (93%) се против и не ја прифаќаат оваа мерка.

„Со овие законски измени нема да се подобри квалитетот на високото образование, пред се ова не се никакви механизми за подобрување на високото образование. Со овие измени, ќе се допринесе сано до поголем (university drop-out). Во истиот момент овие измени се и против конвенцијата за човекови права. Не може никој да му забрани на студентот да прекине со студиите после втора година или на крај пред дипломирање, затоа што не положил некаков си екстерен тест“, гласи еден од коментарите на студентите.

[Анкета] Студентите не ја прифаќаат одлуката на МОН за државен испит

Не стивнуваат ниту реакциите на социјалната мрежа Фејсбук, каде веќе се формираше група против одлуката на министерството за образование и наука, наречена „Не за државни испити за студентите“.

Според деканот на Правниот Факултет, Борче Давитковски најавените измени се противуставни и тие директно се мешаат во автономијата на Универзитетите загарантирана со Уставот.

– Уставот ја гарантира автономијата на Универзитетите, кои се самостојни и издаваат дипломи врз основа на вршење на јавни овластувања. Никој друг не може да ги преиспитува универзитетските дипломи – вели професорот во изјава за телевизија Телма.