Анкета: што најмногу ги загрижува средношколците на социјалните мрежи?

Најголема грижа на учениците во средното образование во најголем дел или 53 проценти е за тоа да не се објават содржини и фотографии без нивна согласност, а 38 проценти од нив се грижат  да не се отвори лажен профил на социјалните мрежи во нечие име. Сепак, учениците сами признаваат дека користат лажни профили, покажуваат резултатите од прашалниците наменети за ученици од средните училишта во Скопје.

Резултатите од анкетата беа презентирани на конференцијата за проектот „Час по приватност“ во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Со ова, по деветти пат беше одбележан Европскиот ден на заштита на личните податоци.

На конференцијата присуствуваа Васка Бајрамовска –Мустафа, заменик Народен правобранител на РМ, Димитар Ѓеорѓиевски – директор на Дирекција за заштита на личните податоци и Татијана Стојанова Дуева – директор на СУГС „Јосип Б. Тито“. Тие се обидоа да одговорат на прашањата за тоа колку од учениците сметаат дека треба да добиваат знаење за теми поврзани со злоупотреба на нивни фотографии и материјал со недолична содржина на социјални мрежи, но и колкав е процентот на родители кои се информирани и загрижени.

Податоците покажуваат дека 83% од родителите веруваат дека учениците се тие што треба да внимаваат на своите лични податоци. Затоа пак, во најголем процент од оваа анализа, или 65% од учениците ќе пријават во Дирекција за заштита на личните податоци, но и 25% од учениците сакаат да разговараат првично со своите родители на оваа тема доколку се соочат со злоупотреба на лични податоци и говор на омраза на интернет.

Според резултатите, испитаниците овие теми најмногу ги дискутирале со своите пријатели околу 51 проценти, 26 проценит со своите родители, а само 23 проценти со своите наставници.

Сепак, голем дел од учениците сакаат да бидат вклучени во разни идни активности поврзани со овие теми и изразуваат интерес за да научат повеќе за заштита на приватноста, хакирање и спречување на говор на омраза на интернет.

Според Дирекцијата за заштита на лични податоци пак, 60 проценти од преставките се однесуваат за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи и за нарушување на приватноста. Нивната статистика покажала дека ученици, родители и наставниците не се доволно запознаени со политиките за приватност, употреба на говор на омраза на интернет или пак изнесување невистини во сајбер просторот од различни возрасти и националности.

Основна цел на проектот е подигнување на јавната свест за заштита на личните податоци и информирање на граѓаните за нивните права во оваа област со што би им се овозможило остварување на истите на поефективен начин. Проектот беше поддржан од Градоначалникот на Град Скопје, г. Коце Трајановски, Мисијата на OBSE во Скопје и Метаморфозис, фондација за интернет и општество.