Анкета на УНИЦЕФ: Две третини од младите во повеќе од 18 држави биле жртви на силеџиство

Девет од 10 млади луѓе веруваат дека силеџиството е сеприсутен проблем во нивните заедници, а две третини велат дека и самите доживеале силеџиско малтретирање, покажува новата анкета спроведена од УНИЦЕФ и неговите партнери во над 20 земји ширум светот по повод 12 Август – Меѓународниот ден на младите.

Анкетата е спроведена преку У-извештај, брзорастечка алатка за вклучување на младите, која обезбедува платформа за над два милиони млади У-репортери од над 20 земји. Во анкетата, преку СМС, Фејсбук и Твитер, на младите им беа поставени серија прашања за ефектите од силеџиството во нивната заедница, за нивните лични искуства со силеџиско малтретирање и што мислат дека може да се направи за да се стави крај на овој вид насилство.

„Силеџиското малтретирање, вклучувајќи го и онлајн-малтретирањето, во голема мера останува погрешно разбран ризик по благосостојбата на децата и младите. За да се стави крај на овој вид насилство, мора да ја подобриме јавната свест за штетните ефекти од силеџиското малтретирање, да ги оспособиме наставниците, родителите и врсниците за идентификување на ризиците и за пријавување на инцидентите, како и за обезбедување грижа и заштита на жртвите“, рече високиот советник на УНИЦЕФ за детска заштита Тереза Килбејн.

Според наоди од анкетата, една третина од испитаниците сметале дека е сосема нормално да бидат малтретирани, па не кажале никому, а мнозинството испитаници кои се изјасниле како жртви на малтретирање велат дека биле малтретирани поради физичкиот изглед. Силеџиството, се наведува, се припишува и на родовата или сексуалната ориентација и етничката припадност. Една четвртина од жртвите изјавиле дека не знаат кому да му кажат.

Осум од 10 испитаници, пак, сметаат дека подигањето на свеста, како и обуката на наставниците за тоа како да им помогнат на децата да го пријават малтретирањето без да се чувствуваат непријатно е еден начин за одговор на овој проблем во училиштата.

Во анкетата беа вклучени повеќе од 100 000 млади луѓе од целиот свет.