Анкета на штипскиот универзитет „Гоце Делчев” за младите и медиумите

Студентите по новинарство и односи со јавноста на Правниот факултет Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип на УГД ги презентираа резултатите од истражувањето, спроведено меѓу студентите на овој универзитетот на тема „Младите и медиумите”, а како дел од проектот „Студентите истражуваат за студентите”.

Анкета на штипскиот универзитет „Гоце Делчев” за младите и медиумитеВо рамки на проектот, под менторство на доц. д-р Сузана Џамтоска-Здравковска, се спроведуваат истражувања меѓу студентите со цел да се слушне нивниот став и мислење за теми и области од општествениот живот, но претежно поврзани со новинарството, медиумите, односите со јавноста и комуникациите.

Целта на истражувањето на тема „Младите и медиумите” , како што посочуваат од УГД,  е да се увиди состојбата кај студентите во однос на популарноста на дневните весници наспроти информативните вести на ТВ и Интернетот, нивната доверба во новинарите, влијанието на медиумите врз формирањето на нивните мислења и ставови.

Во анкетата студентите добиле можност да се изјаснат за нивниот омилен весник, омилен новинар, за тоа на која телевизија најчесто ги следат информативните вести, кои рубрики им се омилени, што најмногу им пречи.

Ова се заклучоците од истражувањето на студентите на УГД.

– најголем дел од студентите читаат дневни весници;
– сметаат дека нема доволно едукативни содржини во весниците;
– посочуваат дека политиката е презастапена, а содржините за младите се занемаруваат;
– омилен дневен весник им е „Вест”;
– во дневните весници најмногу ги следат рубриките поврзани со култура и политика, занимливости и забава, а најмалку содржините од областа на -наука и технологија, економија и црна хроника;
– најмногу им пречат содржини поврзани со политика;
– од содржините на ТВ најмногу следат забава, свет, спорт и култура;
– повеќе сакаат да се информираат преку информативните вести на ТВ отколку преку дневните весници, но како најзастапена форма за информирање се јавува интернетот;
– студентите повеќе им веруваат на новинарите во електронските медиуми, затоа што имаат можност да го исправат она што е напишано и прикажано во текот на денот и тоа да го сторат во следните информативни вести;
– редовно следат вести на ТВ, најмногу на ТВ Сител и ТВ Канал 5;
– сметаат дека медиумите имаат големо влијание врз формирање на нивните ставови и мислења во однос на општествените случувања;
– имаат потреба од повеќе информации за случувањата во државата и во светот;
– сметаат дека локалните ТВ станици доволно информираат за случувањата во нивната средина;
– најголем дел од студентите немаат свој омилен новинар (дел од оние студенти што издвоија омилен новинар, всушност издвоија ТВ-презентер, што е сосема различно).

Истражувањето е реализирано во септември 2013 година со анкета меѓу студентите на УГД. Опфатени биле 280 студенти, на возраст од 19 до 22 години, од кои 160 (57%) од женски пол и 120 (43%) од машки пол.