[Анкета] Младите се толерантни кон другите луѓе, освен кон нивната нетолеранција

Младите луѓе отсекогаш биле поголеми идеалисти и полиберални од повозрасните. Сепак ново, глобално, истражување покажува една сфера каде младите не се толку прогресивни: во слободата на изразувањето.

Во анкетата „Generation Z (Генерација Зет), што мислат и чувствуваат младите во светот“, која е спроведена за потребите на добротворната образовна фондација „Варки“, се гледа дека помеѓу младите луѓе има широка поддршка за зголемување на правата на историски маргинализираните малцински групи. Во сите од 20-те земји каде се спроведувала анкетата, мнозинството млади на возраст од 15 до 21 година се согласни дека треба да има полова еднаквост и права за трансродовата популација.

Дури и кога еднаквиот третман не е дозволен со закон, младите го поддржуваат. Повеќе од половина од младите во 15 земји сакаат сигурен и легален абортус – дури и во земјите каде оваа медицинска процедура во моментов е нелегална, како во Јужна Кореја. Слично, анкетираните во повеќето земји поддржуваат истополови бракови. Во оваа категорија спаѓа и Индија, каде хомосексуалноста е кривично дело, пренесува магазинот Економист.

Сепак, една работа младите не дозволуваат да биде проширена кај другите: правото на слобода на изразување. Вкупно, помалку од половина од анкетираните се согласиле дека на луѓето не треба да им биде дозволено да „изразуваат ненасилни мислења дури и ако навредуваат малцинства“. Во Британија и Германија само 46 и 48 проценти дозволуваат такво нешто.

Правото на слободен говор не е апсолутно, што би го потврдил секој кој би викнал „пожар“ во исполнет театар. Истовремено, последната анкета покажува дека младите денеска го прифаќаат правото да не се биде навреден, што претставува закана кон дебата на таа тема, пишува магазинот Економист. Времето ќе покаже дали оваа возрасна група ќе се посвети кон победа преку аргументите, отколку кон превенирање тие да се случат.

Некои други детали од податоците добиени преку анкетата покажуваат:

  • Младите повеќе се песимисти (37%), отколку оптимисти (20%) за иднината на светот.
  • 83% од младите за иднината на светот ги плаши екстремизмот и тероризмот, 81% стравуваат од конфликти и војни, 69% од зголемувањето на процепот меѓу богатите и сиромашните, 66% од климатските промени, 62% од пандемии, додека 30% се плашат од темпото на технолошката промена.
  • Мнозинството млади се толерантни кон другите религии – 64% од нив имаат блиски пријатели кои припаѓаат на религија различна од нивната, додека само 17% рекле дека религијата на човекот игра важна улога во изборот дали да бидат, или не, пријатели со некого.
  • Најголемо влијание врз вредноста на младите имаат родителите (89%), по што следуваат пријателите (78%), учителите (70%). Најмалку влијание врз нивните вредности имаат славните личности (30%) и политичарите (17%)
  • Помалку од петтина од младите луѓе од целиот свет чувствуваат дека добиваат доволно сон, физичка активност, одмор и време за размислување за себе.
  • Во 14 од 20-те држави, младите поддржуваат олеснување на начинот мигрантите да живеат и да работат легално во нивната земја.