Анкета: Младите го напуштаат Фејсбук и се селат на Инстаграм

„Никој повеќе не користи Фејсбук, тоа е за стари луѓе“, велат младите за „USA today“. Анкетираните, на возраст од 11 до 12 години, изјавиле дека Инстаграм е социјалната мрежа во која најмногу се пронаоѓаат.

„Познавам многу мои пријатели кои имаат Инстаграм, но не знам кој уште користи Фејсбук“, вели 12-годишната Ела Наиду. „Тие ја игнорираат, ја прескокнуваат“, додаде таа.

Според правилата на Фејсбук, платформата не е наменета за млади под 13 години, но истото важи и за останатите платформи како Инстаграм, Снепчет, Јутјуб, па тоа не ги спречува децата да креираат свој профил.

„Не верувам дека многумина го следат тоа правило. На веб-страницата на Јутјуб не пишува за тоа“, вели 12-годишната Кети Келер, иако во реалноста тоа се споменува во правилата.

Повеќе родителски организации се загрижени за небезбедните содржини за деца од сексуална, насилна и заговорна природа, која лесно може да се најде на Јутјуб, каде секоја минута се прикачува видеоматеријал од 400 часа.

Младите веќе имаат дефинирано мислење за приватноста, или недостигот од неа на социјалните мрежи.

„Застрашувачки е“, вели 12-годишната Хана Амалфи за телефон кој може да ја следи постојано.

„Постојано те гледа“, вели таа. „Има свое око и тоа постојано е вперено во мене“.