Анкета: Како средношколците планираат да го поминат летниот распуст?

Учество во конференции, Еразмус+ проекти, младински размени… се само дел од работите што сѐ поголем број на средношколци во текот на годината покрај училишните обврски, се одлучуваат да ги прават. Во текот на летото пак, тие сакаат да одат на музички фестивали, сакаат да волонтираат, а дел од нив размислуваат за понатамошното образование и кариера.

Направивме анкета со неколку средношколци од Скопје токму на овие теми, кои ни ги раскажаа своите идеи и планови за претстојниот распуст.

Емилија Митовска

Ученичката Емилија Митовска  ќе ја памети оваа година по спровеведните проекти.

„Училишната година ми почна со Еразмус+ проектот во СУГСГ „Орце Николов“ наречен „Homo Universalis“, во октомври. Темата на проектот беше за ренесансата во различни држави во Европа (Романија, Италија и Шпанија), кои воедно заедно со нас беа и учесници на проектот. Ова полугодие спроведувам иницијатива наречена S.H.A.R.E (Speak Honestly And Resolve Everything), спроведувана од LEAD и Агенција за млади и спорт.“, одговара таа.

Слично искуство имаат и средношколците Маја Вуевска и Алек Пачемски.

„Неодамна, нашето училиште во соработка со средни училишта од Германија, Велика Британија, Полска и Шведска спроведе Еразмус+ проект на тема подготовка на мотивациски писма и CV и аплицирање за работа, од кој и јас бев дел.“ – објаснува Маја.

Алек пак, вели: „Иако учествував само на овој Еразмус+ проект, оваа година ми беше една од поомилените затоа што имав можност да се пронајдам себеси и да се оформам како личност.“

Маја Вуевска и Алек Пачемски

Еразмус+ проектите се од најразличен карактер и најчесто темите на проектите се од области кои ги засегаат младите и од кои можат да добијат искуство и да научат нови работи.

Покрај проектите, средношколците волонтираат и во текот на годината, во најразлични организации кои ги опфаќаат сите сфери на општеството.

Мила Здравковска

„Училишнава година решив повеќе да се посветам на воншколски активности. Во моментов активно волонтирам во Црвен Крст и одам на семинари и кариерни советувања поврзани со психологијата бидејќи тоа сакам да биде мојата идна професија, со која ќе можам да помагам на други луѓе. Обожавам предизвици!“ – вели средношколката Мила Здравковска.

„Немам учествувано во многу волонтерски активности, но се надевам на многу повеќе во иднина, почнувајќи од овој викенд (4.5.2019) како волонтер на Скопскиот маратон.“ се надоврзува Ана Михајловска.

Сепак, покрај одмор, дел од средношколците се подготвуваат за факултет и обврските што следат.

„Ова лето, планирам да го поминам подготвувајќи се за факултет и полагање на испитите кои се потребни за да бидам квалификувана на факултетите на кои сакам да се запишам. Сѐ уште не сум сигурна каде би сакала да студирам на факултет, но мојата цел е да бидам дел од судството и врховните судови надвор од Северна Македонија. Исто така, сакам да ги запознаам пријателите кои ги имам од странство, со убавините на мојот град.“ – вели Ана.

Ана Михајловска

„Летово сакам да најдам летна академија како што е академијата Discover во близина на Прага. Ако тоа не се случи, сакам да почнам да работам. Покрај тоа, ќе разгледувам факултети за компјутерски инженеринг, во Унгарија или во некоја франкофонска земја.“ – објаснува Емилија.

Маја, пак, летово и наредната учебна година сака повеќе да волонтира и да учествува во проекти, во организации како Гоу Грин и Црвен Крст. Ова лето ќе оди на камп во Шпанија, а ќе посети и неколку музички фестивали во Северна Македонија. Нејзина желба е да се запише на факултет во странство, по психологија или природни науки, иако тоа според неа се дијаметрално различни професии.

„Преку лето идејата ми е да си ги оформам целосно приоритетите за понатаму во животот и да научам како се прави Андроид апликација, затоа што тоа многу ме интересира.“ вели Алек.

Најголем дел од средношколците со кои разговаравме сакаат да го продолжат своето образование во странство.

Елена Кормушоска

„Во иднина би сакала да се запишам на факултетите надвор од Северна Македонија, планирам да одам во Италија. Навистина ми е жал што нема да можам да останам тука, но одам за да имам подобра иднина. Би сакала да има и тука услови да го продолжам своето образование, но за жал нема.“ – вели Елена Кормушоска. „Им препорачувам на сите млади преку лето да учествуваат на кратки јазични курсеви во странство, затоа што тоа е огромна инвестиција за понатамошното образование.“ додава таа.

Овие средношколци велат дека најголемиот бенефит што тие го добиваат од овие активности е тоа што имаат можност да запознаат луѓе и склопат пријателства, да изградат самодоверба и да добијат практични вештини преку неформалното образование.

Стефан Митиќ