Две третини од Европејците (67%) веруват дека светот порано бил поубаво место. Италијанците се посебно носталгични (77%), додека најмал процент што го делат ова чувство се жителите од Полска (59%).
Европејците со носталгични чувства кон минатото повеќе се вртат кон десницата на политичкиот спектар, отколку оние со отсуство на носталгија. Тие се повеќе критични и кон емиграцијата.
Ова се дел од резултатите на истражувањето, објавено вчера, кое го спроведуваше Фондацијата Бертелсман, независна истражувачка групација поврзана со истоимената медиумската империја.
Анкетата правена со 10.885 луѓе во Франција, Германија, Шпанија, Италија и Полска, покажа дека 78 отсто од анкетираните кои се наклонети кон минатото сметаат дека емигрантите не сакаат да се интегрираат во општеството, а со тоа се сложуваат и 63 отсто од оние кои не се носталгични.
„Носталгијата е знак на голема несигурност во општество“, кажа коавторката на студијата Изабел Хофман.