Анкета: 84 отсто од младите сакаат да заминат од земјава незадоволни од работата, политиката, финансиите

Невработеноста, политичката ситуација и економската нестабилност се главните причини заради кои младите би ја напуштиле Македонија. Повеќе од половина од нив се незадоволни од условите што им ги нудат општините во кои живеат, а  исклучително високи 83,7% од младите велат дека сакаат да се иселат, при што „ветени земји“ се оние во Западна Европа, САД, Канада и Скандинавија.

Ова се резултати од анкетата меѓу младите луѓе во осумте плански региони во земјава  ја спроведе НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми.  Анкетата ги истражува ставовите на младите за две теми: планирање на семејството и миграциите.

Миграции

Анкетата покажува дека дури 63,4% од младите се незадоволни од вработувањето, здравството, образованието, инфраструктурата, животната средина.  Сликата за незадоволството на младите луѓе станува уште подраматична со прашањето за тоа какви се условите за вработување во општината во која живеат. Дури 83,3% од испитаниците оценуваат дека условите за вработување се лоши. Младите од Североисточниот регион се најнезадоволни – 94,8%, а потоа следат оние од Пелагонискиот (91,8%) и од Вардарскиот регион (91,2%). Исто така, голем е бројот на младите луѓе кои сметаат дека работните услови за вработените во нивните општини се лоши – дури 77%.

На прашањето дали би се иселиле надвор од Македонија 83,7% од испитаниците се изјасниле позитивно. Две третини од нив – 52,4% би се иселиле во некоја од заподноевропските држави, речиси 12% во САД и Канада, а во некоја од скандинавските држави би се иселиле 10,3% од испитаниците.

Работата (невработеноста, потрагата по подобро вработување) – 34%, општествената ситуација (главно партиските вработувања, а потоа и вкупната политичката ситуација) – 33,5% и економската стабилност односно финансиите – 17% се главните причини заради кои младите би ја напуштиле државата.

Заради работата, најмногу би се иселиле младите од Полошкиот (48,8%) и од Југоисточниот регион (48,1%). За младите од Пелагонискиот (51,4%) и од Источниот регион (50%), најсериозна причина заради која би се иселиле е општествената ситуација односно партиските вработувања и целокупната политичка состојба во која се наоѓа државата. Економската стабилност (парите, повисоките примања и др.) е клучна причина за иселување за 35,3% од младите во Вардарскиот и за 33,3% од младите испитаници во Скопскиот регион.

Младите и планирањето на семејство

Најголемиот дел од младите луѓе (76,9%) иако се на возраст кога може и треба да се осамостојат, сè уште живеат во заедница со своите родители,  дури и оние кои веќе имаат основано сопствени семејства. (15,5%).
Четиричленото семејство со две деца е најпосакуваната опција за 52%, а за 26,5% идеалното семејство го сочинуваат три деца. Иако посакуваат да имаат две, a некои и три деца, сепак, поголемиот дел од испитаниците кои основале свое семејство, или немаат деца или имаат само едно дете – 67,8% немаат основано семејство, а од оние 29,3% кои веќе основале семејство, 15.8% имаат едно дете, а 11,4% имаат две деца.

За најголемиот дел од младите луѓе клучни предуслови за основање семејство, како и причини зашто сè уште не основале семејство се вработувањето, финансиите и партнерот. Високи 41,1% од вкупниот број испитаници сметаат дека вработувањето е клучен предуслов за основање семејство, за 24,8% тоа е финансиската стабилност, а за 22% тоа е изборот на партнер. За 66,7% од испитаниците од Југоисточниот регион клучен предуслов е работата, додека за 61,4% од испитаниците од Вардарскиот регион, клучен предуслов за основање семејство се финансиите.

НВО Инфоцентарот и партнерските организации оваа анкета ја реализираа во рамките на проектот „Демографијата – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество Македонија. Анкетата е спроведена во периодот ноември 2015 – јануари 2016 година, на 503 испитаници на возраст од 20 до 35 години, во сите плански региони.