Анкетата на тема „Што читаат/гледаат младите во карантин?“ што ја спроведе Новинската агенција „Мета.мк“ во соработка инстаграм профилот „Студентаријамк“ покажа како младите го поминуваат секојдневието во последниве два месеца. Оттаму велат дека на анкетатата одговориле повеќе од 2600 испитаници и дека иако не станува збор за професионално спроведена анкета со репрезентативен примерок, сметаат дека резултатите даваат релевантна слика.
Поради пандемијата од Ковид-19, учењето и оценувањето се одвиваа од дома, а дружењето најчесто се случуваше на социјалните мрежи. Тоа за младите беше шанса да се посветат на активности кои одамна планирале да ги реализираат, а не можеле да најдат време, но и да се релаксираат со книга, филм или серија.
Според добиените резултати, 47 проценти од испитаниците не прочитале ниту една книга за време на карантинот. Најмалку една книга прочитале 21 проценти, додека две или повеќе книги прочитале 32 отсто од испитаниците.
Кај оние што читаат книги, при изборот најмногу преовладуваат жанровите трилер и мистерија. Па така, омилен автор деновиве е Себастијан Фицек, чии книги („Терапија“, „Пациентот“ и „Пакетот“) се најчитани меѓу младите. Тие исто така ги прочитале и делата на Гијом Мисо, како „Девојката од Бруклин“, „Апартман во Париз“, „Централ Парк“ и други. Во одговорите споменати се книгите на Агата Кристи. Од македонските изданија, најпопуларни се „Будење на свеста“ од Катерина Ангеловска и Радован Витошевиќ, како и „Вештица“ на Венко Андоновски.
Но, се чини дека за младите попривлечни се сериите и филмовите, наспроти читањето. За време на карантинот, 54 проценти од младите одговориле дека секојдневно гледаат серии или филмови. Младите истакнале вкупно 272 наслови на филмови и серии, но во овој период, најпопуларни се шпанските драми, La Casa de Papel и Elite. Споменати се и сериите „Friends“ и „Dark“