Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја продолжува својата успешна турнеја по европските и светските пазари за филмска копродукција, пренесе МИА.
По селекцијата во Софија Митингс во март и Светскиот ден на анимациска продукција во Штутгарт во април, проектот на „Линкс студио“ ќе биде презентиран и на Вишеградскиот форум за анимација во Чешка во мај.
„Во Софија поминавме многу подобро отколку што очекувавме. Добивме понуда за копродукција од 8 земји, како и понуда за дистрибуција од компанија која работи со оскаровци и блокбастери. Мислам дека присутните продуценти го намирисаа комерцијалниот потенцијал на нашиот проект“, изјави Гоце Цветановски, автор на сценариото и режисер на проектот.
Марко Угарковиќ, директор на „Линкс студио“, смета дека се на пат да креираат препознатлив македонски филмски бренд.
„Во Вишеград ќе ја презентираме ТВ-серијата за детството на Јон Вардар и неговото пријателство со вонземјанското куче Џестер. Исто така, веќе работиме на дизајнот на неколку видеоигри, а во преговори сме и за изработка на играчки инспирирани од филмот“, рече Угарковиќ.
Според проценките на продуцентот Алан Гонзалез, филмот ќе се работи околу две години. Автор на дизајнот за ликовите и позадините е илустраторот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Бенжамин Хотон.
Извор: МИА