Аниме и дискусија за политиката и моќта вечерва на Контра кадар Скопје

Во екот на изборната еуфорија Контра кадар Скопје ќе ја проблематизира политиката во нејзината најсуштинска форма, односно ќе ги прикажува првите две епизоди од политичкото аниме „Code Geass“,  проследено со дискусија.

„Секој чинител во едно општество има право и одговорност да размислува и да делува политички, и тоа не мора да биде само во склоп на политичка партија. Во целокупното свое општествено делување, секој може да ги изразува своите ставови и преку нив да го менува општеството.

Да излеземе од партискиот дискурс на секоја кампања и да размислуваме како самоиницијативно можеме да ‘се бавиме со политика’“, стои во повикот за настанот.

Ова аниме ги третира проблемот на моќта, револуцијата, побуната, диктатурата на еден многу автентичен начин.

„Дојдете да поразговараме за политиката надвор од мејнстрим дискурсот!“, велат од Контра кадар Скопје.

Проекцијата и дискусијата ќе се одржат во Социјалниот центар „Дуња“, со почеток во 19 часот.

Влезот е бесплатен.