„Анимал Ворлд“: Лебед со заврзан клун плови во Струга, никој не му помага

Здружението за заштита на животни „Анимал Ворлд“ од Струга“ соопшти дека расте бројот на пријавите за повредени лебеди во Охридското Езеро. Најновиот случај, велат од здружението, е за лебед кој деновове бил забележан кај областа Евро Хотел, а чиј клун е заврзан со рибарски конец и тапа.

„Овој лебед и покрај тоа што загрижените граѓани се јавиле на неколку места, сепак никаква повратна реакција немало. Единствено што нè извести локален ветеринар е дека му било кажано дека ќе излезат луѓе на терен, но се уште нема никаква информација дали навистина нешто е преземено.

Тоа не не чуди, знаејќи го фактот дека во нашата држава сеуште нема стручни лица кои неговото заловување би го извршиле професионално и лебедот не би бил дополнително истрауматизиран. Што е уште потрагично, за друг случај на повреден лебед кое друштвото Анималиа од Охрид се обиде да го залови за да му помогне, им беше кажано дека можат да бидат казнети затоа што се работи за заштитен вид“, велат од здружението.

Оттаму посочуваат дека е крајно време институциите да преземат мерки за заштита на овој редок вид во Охридското Езеро. Во спротивно, додаваат активистите, може да се очекува најлошото и „оваа прекрасна птица да остане само спомен со кој сме се гордееле некогаш.”