„Анимакс Скопје Фест“ го отвори повикот за анимирани филмови

Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ го објави новиот повик за учество во шесто издание што ќе се одржи во ноември во Скопје. Право на учество имаат сите филмови изработени во која било техника на анимирање, завршени по 1 јануари 2015 година кои не биле пријавени на претходните изданија на фестивалот.

За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории: кратки анимирани филмови, долгометражни анимирани филмови (над 45 минути) и анимирани филмови за деца. Краен рок за праќање на пријавите и видео материјалите е 20 септември 2016 година.

Како што најавуваат организаторите, и годинава фестивалот ќе трае четири дена, со тоа што посебен фокус ќе биде ставен на децата како публика и децата како креатори на анимација.

„Ќе се обидеме да го прошириме концептот на ’Анимакс‘ и да се фокусираме на фестивалски настани кои ќе ја обележат целата година, а не само неколку дена во месец ноември“, вели Кузман Кузмановски, директор на фестивалот.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-Минтири“ од Скопје. Финансиската поддршка доаѓа од Агенцијата за филм на Република Македонија и Градот Скопје и Кинотека на Македонија.

Наградите кои ги доделува меѓународното жири на фестивалот се Златна, Сребрена и Бронзена Тула во секоја натпреварувачка категорија.