Анима Мунди: Вреќи со убиени кучиња расфрлани во старата касарна во Куманово

Од здружението за заштита на животните Анима Мунди алармираат за случај во кој нивен активист затекнал убиени кучиња во вреќи фрлени на местото на старата касарна во Куманово. Од здружението велат дека нивниот активист се наоѓа на местото и дека е повикана полиција за да се расчисти случајот.

„Кучиња со вкочанети вилици – кои укажуваат на насилна смрт; со канили во вените што укажува дека интервенирал ветеринар. Вреќи полни ѓубре, медицинска опрема и некакви си ќебиња, јоргани, кои не ги отвораме за да користат како материјален доказ за итна полициска истрага. Нема зборови кои се потребни да се дополни овој ужас толку монструозен и видлив за сите, сега преку овие фотографии. Дали Куманово е црна дупка за животните, централно место за убивање на бездомните животни во државава?“, велат во соопштението од Анима Мунди.

Од здружението бараат итна и темелна истрага и најстроги казни за строителите, како и трајно одземање на ветеринарни лиценци доколку се докаже дека во случајот учествувале ветеринарни лица.

Повеќе детали и фотографии од вреќите со убиените кучиња, кои можат да бидат вознемирувачки за некои граѓани, можете да најдете на објавата на фејсбук страницата на Анима Мунди.