Анима Мунди: Угина лисица која беше на продажба преку интернет за 2.800 денари

Пред три дена до Здружението за заштита на правата на животните „Анима Мунди“ пристигнала пријава од граѓанин за продажба на лисица преку Фејсбук за 2.800 денари. Денес тие соопштија дека животното угинало и реагираат на неангажираноста на институциите да го расчистат случајот.

Според фотографиите кои им биле доставени забележале дека животното е во лоша состојба, облеано со крв и заврзано со ланци. По ова, тие веднаш пријавиле до Ловен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи.

„Најбрз но оскуден одговор добивме од Агенцијата за храна и ветеринарство каде што тамошниот инспекторат надлежен за ваков случај не упати до останатите две институции без никаква намера да постапи по пријавата, иако инспекторатот при оваа институција има право и надлежност да изврши инспекциски надзор, утврди дали пријавата е веродостојна и покрене постапка за санкционирање на сторителот со дополнителна надлежност да ги извести сите останати релевантни институции за истите да покренат постапка. Во доцните часови и обесхрабрениот одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел да ја извадиме лисицата жива, пробавме да стапиме во контакт со прилепската полициска станица – залудно – во Прилеп немате каде да се јавите ако итно ви е потребна полициска помош, затоа што телефонскиот број им е до ден денес недостапен“, реагираат од „Анима Мунди“.

Овој случај според здружението ја покажува „суровоста на еден човек и неспособноста на ова бирократизирано општество и нефункционални институции“.

„Ова е само еден свеж пример за трулоста на надлежните институции и процесите кои се однапред предодредени да минат низ бесконечен бирократски лавиринт и завршат без успех, кои се причина на недовербата и обесхрабреност на граѓаните да преземат било што и пријавуваат. Животни и животи се трагично изгубени заради помош што не стигнала, или стигнала прекасно“, велат од „Анима Мунди“.

Оттаму посочуваат дека ќе се погрижат институциите што не покренале никаква постапка да бидат пријавени.

„Ќе имаше шанса да се спаси ова животно во секоја нормална европска држава, но не и во Македонија!“, коментираат од „Анима Мунди“.