Анима Мунди со меѓународна иницијатива за затворање на Вардариште

Здружението Анима Мунди соопшти дека поради непостапувањето по реакциите и пријавите кои ги доставуваат за стационарот Вардариште тие ќе покренат силна меѓународна кампања за затварање на оваа институциија.

„За тоа до кое дереџе е доведен угледот на нашата држава во однос на животните говори и фактот што суровоста врз животните е ставена на дневен ред во Европската Комисија (од претставничката на Европскиот Парламент Кристина Мускардини) при штo европарламентарката укажува дека Македонија како земја претендент за влез на ЕУ е сериозно компромитирана во однос на убивањето на животните и повикува на мониторинг! Не ни кажува ли ништо одговорот од Европскиот комесар за проширување Штефан Фуле кој на прашањето на пратеничката Мускардини одговара дека Европската комисија е запознаета со проблемот со бездомните кучиња во Република Македонија и истиот го поистоветува со проблемот во Романија. Со Романија, земјата која во светски рамки важи за најгрозоморниот пример на дивјаштво, примитивизам, суровост и крвништво врз бездомните животни – ете со такво крваво сценарио ја поврзуваат и нашата држава!“, соопштуваат од Анима Мунди.

Според ова здружение, шокантно е и непростливо што нивните реакции и апели за хуманост наидуваат на поголема поддршка надвор во Европскиот Парламент, отколку во домашните институции.

„Тие пратеници се залагаат за наше мониторирање, влез, управување на Вардариште. Тие сметаат дека сме во право, а нашите институции не. Сега повторно се обраќаме јавно и ги повикуваме одговорните институции, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, како и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски итно да стават крај на лудилото кое таму владее, Вардариште итно да го затворат се додека не се создадат услови за комплетно управување на стационарот од страна на активисти за заштита на животните и луѓе кои животните ги сакат и ќе се грижат за нив“, велат од здружението.

Петицијата со која тие најавуваат силна меѓународна кампања и активности за затварање на Вардариште е достапна на следниот линк.