Анима Мунди со барања до партиите во пресрет на Парламентарните изборите

Измена и суштинско дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните во првата година од мандатот на новата влада, законска забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација животни и инволвирање на здруженијата во управувањето и работењето на стационарите, но и ограничување и контрола на слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и со чија примена силно се загрозува и безбедноста на граѓаните, се само дел од предизборните барања на Анима Мунди, здружението за заштита на животни.

Во пресрет на Парламетарните избори со кои ќе се дефинира нова четиригодишна агенда, oд Анима Мунди се засегнати за стратегиите, ставот и програмите со кои партиите ќе ги третираат животните со цел конечно подобрување на нивните права, заштита и благосостојба.

„Сакаме да живееме во држава во која се слуша гласот на хуманите граѓани – љубителите на животните и активистите за нивните права, кои се десет години во континуиран пораст, кои преку својот личен пример и активизам суштински го оплеменуваат нашето општество. Ние сакаме Влада која е во служба и на луѓето и на животните , која хуманоста ја поддржува и брани“, велат од здружението во своето обраќање.

Оттаму бараат и забрана за употреба на коњи/копитари во урбана средина, зголемување
на казната за мачење на животно во рамки на Кривичниот закон на РМ, запирање на субвенционирањето и поттикнувањето на сточарството и индустриското фармство, во интерес на поттикнување и субвенционирање на еколошко земјоделство и производство на растителни култури и воведување на растително мени како опција во сите јавни институции – здравствени и образовни установи (болници, градинки, училишта, студентски домови и сл.).