„Анима Мунди“: Осуда и казна за извршителите на теророт врз животните во Вевчани

Здружението за заштита на животните Анима мунди  најостро ги осудува „злоупотребата и мачењето на животните“ за време на Вевчанскиот карневал.

„Згрозени сме од фотографиите и информациите добиени за Вевчанскиот карневал, кои без дилема покажуваат дека за време на истиот се овозможил садизам и толерирало насилство врз животните! Најостро ги осудуваме злоупотребата и мачењето на животните кое се случи на улиците на Вевчани, за кое ни сведочат бројни потресени граѓани и приложуваат слики“, се вели во соопштението на „Анима Мунди“.

Бараме да ги откријат поединците кои стојат зад овие злодела и најстрого и без исклучок да ги казнат!, нагласува „Анима Мунди“.

„Кокошки наденати на вили, живи преплашени кокошки врзани за екстремитетите и фрлани во воздух како да се топки а не живи битија; обезглавена живина; труп на убиено куче заврзано за екстремитетите како плен, влечкано и мавано од толпата за да се прикаже пагански ритуал; живо куче со заврзани очи влечено (приморувано) да оди во толпата народ, иако од превезот не гледа ништо и јасно покажува паника, стрес и уринира од страв; натоварени магариња, коњи приморувани да одат во толпата, тепани доколку не сакаат да продолжат; обезглавени зајаци!

Шокирани сме што наместо уметност, досетливост, хумор и сатира, Вевчани овозможи и истолерира насилство, страв и крв, безумие! Уметноста која секоја година ја прикажува најстариот карневал во нашата држава со кој без исклучок сите се гордеевме е засенета, засенета е бидејќи газеше по животи, бидејќи ја обезвредни слободата на животните и нивните права загарантирани и со закон! Ова не е здрав хумор и ова не го прават здрави луѓе туку девијантни лица –со тоа карневалот не прикажа како дивјаци и насилници кои не се користат со уметност и маски туку во недостиг од имагинација посегаат по животи, стојат инертни пред стравот, болката на животните, смртта на животните, се подсмеваат! Бараме да ги откријат поединците кои стојат зад овие злодела и најстрого и без исклучок да ги казнат!“, реагираат од Анима мунди.