„Анима мунди“: Монструозен чин на насилство врз кутре во Радишани, бараме итна реакција од МВР

Во текот на вчерашниот ден, жителите на Радишани биле сведоци на грозоморен чин на насилство – кутре, старо неполни два месеци, брутално било удрено со клоца од страна на поединец, информира Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

Кутрето, родено на улица од мајка белгиски овчар, било повредено до таа мера што итно е пренесено во ветеринарна ординација каде се наоѓа под терапија и постојан надзор. Она што дополнително ја зголемува вознемиреноста, тврдат од здружението, е фактот дека на местото на настанот биле повикани службеници од Министерството за внатрешни работи, пред кои сторителот упатувал и закани дека ќе ги убие сите останати кутриња со нож – но, и покрај тоа, никакви мерки не биле преземени.

„Службениците заминале без да постапат, како ништо да не се случило“, истакнуваат од „Анима мунди“.

Според нив, ова е неприфатливо. Тие бараат итна и целосна истрага од МВР и процесуирање на сторителот. Насилството врз животни е кривично дело и за него мора да следува соодветна санкција.

Мајката и останатите кутриња се згрижени и се на безбедно, додека повредената Малина ќе остане под ветеринарен надзор сè додека целосно не се опорави, информира „Анима мунди“.