„Анима Мунди“ ќе поднесе кривична до лицата инволвирани во убивањето на 57 диви свињи

Kривична пријава за лицата кои се фотографиле со десетици убиени диви свињи во националниот парк „Јасен“, во согласност со „Законот за ловство“, најавија дека ќе поднесат од невладината организација „Анима Мунди“.

„Очекуваме најстрога казна за прекршување на периодот за ловостој над дивите свињи во државното и како себеси се нарекуваат ВИП ловиште Јасен“, пишува во обраќањето до јавноста.

На фотографијата која вчера беше објавена од повеќе медиуми, се гледаат десетина ловции, меѓу кои и познати политичари, сликани со  голем број убиени диви свињи.

„Довчерашните високи политичари не се сликани како уживаат во природа бидејќи очигледно тоа им причинува далеку поскромно задоволство; фотографирани се со убиени животни кои живееле во оградена површина, без моќ да се заштитат и избегаат; кои биле убиени од забава како лесен плен и за чија хајка и смрт горенаведените имале пари да платат!

Порачуваме – цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија, наоружан до заби се сили и убива. Ако го сметаат ловот за натпревар, спорт, ние би ги пуштиле голи и боси да се снајдат во шума. Сеедно дали умира човек или животно, самиот процес на убивање, страдањето, стравот се секогаш идентични. Слични на ловџиите се и сериските убијци кои се возбудуваат и вака го сликаат својот човечки плен. Да се знае – насилниот облик на однесување кај ловџиите е очигледно аномалија, грешка на природата, затоа што ниту едно друго битие, вклучително доминантните месојадни животински видови не убиваат од забава.

Прашуваме до кога Македонија ќе толерира и заработува од најбрутална експлоатација на природата и до кога ќе бидеме омилена дестинација за убивање на илјадници ловџии кои кај нас доаѓаат и масакрираат животински видови кои во нивните матични држави се најстрого заштитени со закон?“, стои во соопштението на „Анима Мунди“.