Анима Мунди:Кажи НЕ на циркуси со животни

Во недела во 16.15 часот здружението Анима Мунди организира протестен собир пред циркусот Балкански како знак на револт против измачувањето на животните во име на нечија заработувачка. Тие ги повикуваат сите загрижени граѓани да го поддржат овој собир и да ја осудат суровоста врз животните.

Анима Мунди:Кажи НЕ на циркуси со животни

„Имајте на ум – животните во циркусите страдаат, и нивниот живот е мизерен. Живот полн со мачни и агресивни дресури, напорни патувања во тесни кафези, напорни представи кои тие ниту ги сакаат ниту ги заслужуваат, од град до град, па повторно во кафез, се додека не подиват, полудат или не се разболат. А сето тоа за некого да забавуваат и некому да му го наполнат џепот“, посочуваат од Анима Мунди.

Тие апелираат дека треба да осуди искористувањето на животните во циркусот бидејќи стандардните методи и техники кои се практикуваат за дресирање на дивите животни соддржат насилство, сакатење, гладување, дрогирање, како и хируршко отстранување и онеспособување на нивните канџи и заби.

„Дали некогаш сте се запрашале како е возможно “да се научи” див лав или тигар, навикнат на слобода на џунглата, да седи како бубачка мирно на столче и да по наредба прерипува низ запален обрач – притоа, животните не можат да го контролираат огнот и сигурно се плашат од него повеќе отколку ние. Или, како се постигнува мечките да балансираат одејќи високо над земјата, по жица? Како да му се објасни на диво животно кое не го разбира нашиот јазик дека од него се бара да седи мирно на столица и имитира однесување на човек?“, прашуваат од здружението.

Од Анима Мунди исто така бараат законска забрана за изведување на циркуси кои вклучуваат точки со животни, а потсетуваат и дека во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, како и во повеќето земји на ЕУ , циркусите со животни се забранети со закон.