Има ли една институција во државава која функционира, која постапува по пријави за насилство врз животните?!, реагираат од „Анима Мунди“, потсетувајќи за случај со хаска од Куманово што служи како плен за тренинг.
Исто така, велат дека постои германски овчар што е секојдневно тепан, неухранет, а од тепањето речиси е неподвижен на задните нозе.
„Лице кое со азијати лови, мачи лисици, волци и диви свињи (забрането е да се лови со азијати), а притоа во заробеништво имал и мало мече. Сопственици на кутре во зграда кое секој ден е тепано, кутрето плаче на цел глас и сопствениците го исфрлаат како ѓубре од транспортер на тераса. За сите случаи поднесовме пријави, но од АХВ и МВР никаков абер нема“, се вели во реакцијата на „Анима Мунди“.
Според Здружението, додека граѓаните и активистите изигруваат полицајци и буквално сервираат доказен материјал и сведоштва за експлицитни случаи на насилство врз животните, институциите не превземаат ништо.
„Џабе пријави, џабе докази, џабе се’, кога не постои никаков интерес кај оние кои се надлежни и платени да постапуваат, кои пријавите ги зафрлуваат чекајќи злоделата да бидат заборавени, зошто ‘секое чудо за два дена’“, велат од Здружението.
Активистите барааат да се постапува итно. Бараме да живееме во хумана и правна држава, велат тие, во која насилството нема да се толерира, која покрај насилството ќе го казни и овој лежерен, игнорантен однос на надлежните.
„Потенцираме, токму непостапувањето значи злоупотреба на должноста и дава поттик на насилниците и понатаму да мачат, убиваат и поминуваат неказнети!“, реагираат од „Анима Мунди“.