Ви се обраќаме по повод фотографијата која деновиве осамна во јавноста, на која сте и Вие, во друштво на ловџии и животно жртва, отстрелана дива свиња. Фотографијата која нѐ згрози и го доведува под знак прашање Вашиот став и однос кон животните и Вашиот став кон насилството на кое се секојдневно изложени од страна на луѓето, стои во писмото со кое Здружението „Анима Мунди“ му се обраќа до премиерот Зоран Заев.
Обраќањето на Здружението до премиерот ви го пренесуваме во целост:
Убивањето на животни не е спорт, не е забава, туку демонстрирање на сила врз послабите и урнисување на она што го создала природата, и тоа треба да ни биде кристално јасно во времето во кое живееме, во 21 век. Ловот е беспотребно нарушување на природниот баланс, кукавичко убивање од заседа, морално декадентен, разорен принцип по биодиверзитетот и еко системите. Ловџиите сејат насилство, болка, смрт, го поткрепуваат култот кон оружјето, според кој секогаш послабиот е жртва. За среќа доминантен дел од граѓаните на Република Македонија го сметаат ова за примитивен, варварскки чин, сосема неадекватен и срамен за времето во кое живееме. И под претпоставка дека на сликава со отстреланата дива свиња сте се нашле случајно, а не како дел од групата за отстрел, не би требало да биде прифатливо за еден модерен и софистициран политичар, политичар кој за време на политичката програма навестуваше нови, подобри времиња и хуманост кон сите живи битија, без исклучок.
Почитуван Премиере Зоран Заев, насилството мора да биде осудено секогаш и секаде. Дивата свиња која е расчеречена на колата не е трофеј, туку интелигентно, свесно битие кое до последен момент залудно се борело за својот живот.
Големината на една нација се гледа според нејзиниот однос кон животните, а ние искрено се надеваме дека ќе го преиспитате вашиот – особено сега кога „Анима Мунди“ во соработка со и поддржано од бројни сродни здруженија, прави конечна ревизија на Предлог законски измени на Законот за ловство во РМ. Се надеваме дека јасно и недвосмислено ќе покажете дали стоите на страна на хуманоста или на страната на луѓето кои ја злоупотребуваат немоќта и довербата на оние кои не можат да се одбранат. На животните.
Кои сме и што сме најдобро се согледува во вакви околности.
Активисти на „Анима Мунди“