Продажбата на енергетски пијалаци може да биде забранета за сите под 18 години, поради стравувања дека се лоши за здравјето на малолетниците, изјавила премиерката Тереза Меј, откако владата покренала јавна консултација по ова прашање.
Енергетските пијалаци содржат високи нивоа на шеќер и кофеин и се поврзани со дебелина и други здравствени проблеми.
Владата се консултира на која возраст да ја воведе забраната, а како опции ги има понудено „под 16“ и „под 18“ години, пренесува ББЦ.
Шкотска, Северна Ирска и Велс имаат овластувања да воведат сопствени забрани.
Младите лица од Велика Британија се меѓу најголемите корисници на енергетски пијалаци во Европа, покажало претходно истражување. Прекумерна консумација е поврзана со многу здравствени проблеми кај малолетниците, од дебелина преку оштетување на заби, главоболки до проблеми со спиењето и хиперактивност.
Забраната ќе се применува на пијалаци кои содржат 150 милиграми кофеин во литар или повеќе од тоа.