Англичанец патува низ Европа за да испише „Стоп Брегзит“ користејќи GPS

Англичанецот Енди Парди ќе помине околу 30.000 километри низ Европа за да напише „Стоп Брегзит” на картата на континентот.

Тој вели дека неговото патување е за да ја почувствува за последен пат слободата на движење бидејќи ова лето е последно за Британија како дел од Европската унија.

28-годишниот ја напуштил работата и тргнал со комбе минатиот месец.

Тој го дизајнирал патувањето на тој начин што преку софтвер за сателитско следење ги снима неговите движења за да ги напише саканите зборови.

„Дојдов до идејата додека трчав и користев една од апликациите за следење на километража“.

„Мислев дека би можел да направам нешто во поголем обем“, помисли тој.

„Како и многу други мои пријатели, бев разочаран од дебатата и како Брегзит напредуваше. Сакав да направам нешто позитивно и да дадам личен став во исто време”, вели тој.

Парди моментално е во Финска и веќе ги напиша првите три букви од неговата фраза.

Тој треба да го заврши предизвикот поминувајќи низ 32 земји, а последна е Шпанија кон крајот на октомври.

„Поминав многу време во Германија и работев во Шпанија, јас секогаш ја ценев слободата на движење”, изјави тој за „Еуроњус“.

„Правото да се истражува, како и да се живее и да работи во Европа без заморна бирократија е огромна привилегија и, иако не знаеме до кој степен тоа би можело да влијае, сакав да истакнам некои од придобивките што ги има“, забележа тој.

Патувањата на Парди може да се следат преку неговиот Инстаграм и Твитер профил.

„Досега патувањето беше неверојатно, се запознав со многу прекрасни луѓе на патот, од кои сите беа поддржувачи“.

„Исто така, добив понуди од љубезни поединци ширум континентот кои прочитале за патувањето и ме поканија да дојдам и да останам со нив. Ви благодарам на сите вас!“, рече тој.