Ангеловска: Прифатени околу 5.000 приговори за домашната платежна картичка за млади лица

Околу 5.000 приговори се прифатени за домашната платежна картичка за категоријата Млади лица, во која влегуваат средношколци и студенти од 16 до 29 години, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска преку својот Фејсбук профил.

Таа информира дека денес овие лица ќе бидат додадени на листата на kupuvandomasno.gov.mk и нивните платежни картички ќе почнат да се печатат.

„Проверка на сите поднесени приговрои од оваа категорија граѓани ја врши Министерството за образование и наука, а во текот на следните неколку денови очекуваме да ја финализираат проверката за евентуално дополнителни прифатени приговори. Заедно со претходно усвоените приговори, досега вкупно се прифатени 7.000 приговори“, напиша Ангеловска на Фејсбук.

До крајот на неделата, пак, најави дека ќе завршат проверките на сите приговори, вклучително и проверките од УЈП, МТСП, АВРМ и ФЗОМ. По ова, од министерството ќе ја соопштат вкупната конечна бројка на прифатени приговори.