Анастасија Величковска: Љубовта и убавината во медиумите се добро осмислена пропаганда

„Љубов е визуелизација на телесното. Љубов е самозаљубеност. Љубов е стил или клише…“, пишува во описот на изложбата „Љубов на прв поглед… 432 пати“ на младата уметница Анастасија Величковска, која се одржа во петокот во Ку-Ла. Овој проект е манифест против комерцијализацијата на човековите чувства, на љубовта, која Величковска за РадиоМОФ вели дека е состојба многу покомплексна за 432 страници.

Преку проектот „Љубов на прв поглед… 432 пати“ го искажуваш своето незадоволство од експлоатирањето на љубовта во модата и прикажување на истата за единствено женската потреба и цел, едначење на убавото со секси, а сексот со љубов, воедно продавајќи ја идејата и на машкиот пол преку физичкоста на блискоста. Колку продава љубовта според тебе? Поминуваат ли тие „евтини трикови“ кај пошироката публика?

Не се „евтини трикови”,  тоа е многу добро осмислена пропаганда. Неизбежен е фактот дека љубовта е актуелна тема за секој. Ја добивме пораката дека мораме да бидеме невозможно убави, згодни, материјално богати, супериорни и исто така ја добивме пораката дека нема да успееме во тоа. Да броиме ѕвезди, а никогаш да не застанеме и да уживаме во есенцијалното, по пример на Егзипериовиот бизнисмен.

Има ли експлоатација на женската убавина и тело за рекламни цели денес? Колку си играат магазините и рекламите со нашите чувства и перцепција за убавото?

Не само продукти, се продаваат вредности, слики, концепти за љубов и сексуалност, слики за успех. Изоставувајќи го нормалното, ни кажуваат кои сме и кои треба да бидеме.

Ако по дефиниција искуството „убавина“ би значело карактеристика на едно лице, предмет или идеја која обезбедува сетилно искуство на уживање и сатисфакција, да, има експлоатација на женската убавина и тело за рекламни цели.

Твоите досегашни изложби се критика упатена кон масовните медиуми, магазините и конвенционалноста, а се карактеризираат преку силната женска убавина. Колку медиумите и комерцијалното ја имаат обликувано идејата за убаво која денес повеќето ја следат? Имуни ли сме како гледачи на надворешните влијанија и наметнати идеи, или го следиме мислењето на другите?

За да се утврди што е убаво а што не, луѓето се под влијание на претставите во медиумите кои промовираат социјални нарушувања и се разбира, конзумеризам. Тие нé учат дека најважно од сé е како изгледаме. Па прво што прават е – не опружуваат со прикази на идеална убавина. Учиме дека треба да вложиме енергија, време и најмногу од сé пари за да го оствариме тој изглед, а разочарувањето е неизбежно бидејки идејата е заснована на апсолутно совршенство. И најголем аспект на ова совршенство е дека никој не може да го достигне, никој не изгледа така. Но, бидејќи ова може да биде субјективно искуство, изреката гласи дека „убавината е во очите на очевидецот”.

Што сé содржи изложбата? На каков начин е прикажана пораката која сакаш да ја пренесеш преку неа?

Потребата да се создаде уметничко дело од нешто стварно, веќе постоечко, исфилтрирано низ моите размислувања за истото, е причината зошто земав за пример еден од медиумите преку кое општеството ни го продава животниот стил. Сатирично интервенирав врз нивниот готов производ со цел да го искажам моето несогласување со нивната идеја за 432 страници за љубов, дисциплина, опсесија и желба.

На какви проекти имаш работено досега?

Кога би ги споила сите проекти со иста позадина би го искористила терминот активистичка уметност. Почнувајки од Кула, како арт колектив и културен центар за слободно изразување,  изложбата „Социјално дисторзирана убавина” која летово беше тема на дискусија по алтернативни центри низ Европа и како најдраг, мултимедијалниот фестивал  „Под земја полесно се дише“.

Што понатаму? Подготвуваш ли нова изложба?

Во последни подготовки е колаборативната инсталација за мултимедијалниот фестивал „Под земја полесно се дише”, кој ќе се одржи на 27-ми декември.

Стефанија Тенекеџиева