Уште еден изборен циклус ќе се спроведе без да се преброи населението. Во предворјето на локалните избори, јасно е дека оваа статистичка операција, која е база за сите други мерења, па и за гласачкиот список, ќе чека подобри времиња. Дел од експертите потсетуваат дека во Македонија, последен пат попис бил направен пред 15 години, пишува во новата анализа на Portalb.mk. Новата владеачка гарнитура најави дека ќе го спроведе пописот, за што ќе бидат потребни комплексни подготовки, но и политичка волја за да се добие комплетна слика за бројноста на населението, етничката структура но и економската моќ.
Пишува: Анета Додевска
СÈ УШТЕ ИМА ОПШТИНИ БЕЗ ПРОЦЕНКА НА БРОЈОТ НА НАСЕЛЕНИЕ
Октомвриските локални избори ќе се спроведат без попис. Извесно е дека уште еден изборен циклус ќе помине без пребројано население. Додека од Владата најавуваат дека оваа операција ќе се спроведе штом се создадт услови за тоа, дел од експертите што ги консултираше Portalb.mk велат дека во локалните избори се влегува без проценка за населението во дури седум општини.
„Поминаа неколку циклуси на избори во државава без податоци од Попис на населението. Впрочем последниот Попис на населението е спроведен во 2002 година. Од тој период до денеска односно до веќе закажаните локални избори за 15 октомври 2017 година не се располага со податоци за населението во земјава односно и за дел на општини. Што значи ова, можеме да кажеме дека за 15 години се прават само проценки на населението врз основа на податоците од 2002 година и тековни годишни за природно движење и миграциони движења„, вели Дончо Герсимовски, еден од поранешните директори на Државниот завод за статистика и додава:
Но, треба да се знае дека за седум општини а тоа се: Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Аеродром, Кисела Вода и Сопиште нема ни проценки на населението. Овие податоци се однесуваат на население во земјата без оние кои се надвор од земјата една година и повеќе. Според наведените состојби значи дека не се располага со прецизни и точни податоци за населението во земјата.
Со оглед на тоа што на чело на Државниот завод за статистика застана кадар на ДУИ, односно беше именуван Зирап Асани за директор, постои можност пописот да биде менаџиран токму од партијата на Али Ахмети, која беше во политички брак со ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2011 година, кога пописот почна, но никогаш не заврши. Имено, операцијата беше запрена поради политички мотиви а „авантурата“ ги чинеше граѓаните милионски суми евра кои се потрошија од Буџетот.
ЕКСПЕРТИТЕ УКАЖУВААТ: ПОПИСОТ МОРА ДА БИДЕ ПРИОРИТЕТ НА НОВАТА ВЛАДА
Дека политиката не смее да биде препрека за оваа статистика операција, неодамна реагираа и од партијата „Достоинство“.
„Владата треба да се зафати со организација на попис, кога за тоа ќе бидат создадени условии. Мораме да направиме попис за да се преброиме за да тргнеме напред, а не за процентите на население да создаваат поделби меѓу македонските граѓани“, изјави Стојанче Ангелов од „Достоинство“.
Наспроти политичките калкулации, пописот како обемно статистичко мерење, обезбедува податоци кои натаму се основа за други истражувања и компарации. Така преку пописот, освен што се добиваат точни информации за бројот на населението и неговата територијална разместеност, се обезбедуваат и податоци за неговата структурата според демографски, географски, етнички, економски и социјални белези, потоа се пребројуваат домаќинствата и нивната територијална разместеност, како и податоци за структурата на домаќинствата според нивната големина, типот, семејниот состав и генерацискиот состав. Статистичката операција обезбедува и информации за бројот на живеалиштата според видот и нивната територијална разместеност, а за становите, во градежна смисла, се обезбедуваат и податоци за големината, опременоста со инсталации и помошни простории.
„Без попис на населението се нема слика и состојба за населението во земјата за многу параметри и тоа за: бројот на населението на сите нивоа РМ, региони, општини а посебно по населени места каде околу 10% се раселени а и 10% во 2002 година биле со население до 10 жители. Не се знае половата, возрасната, образовната, етничката, социјалната, економската, станбаната, земјоделската состојба итн. Како да се планира иднината во инфраструктура и останато“, вели за Portalb.mk Герасимовски.
Според експертите, пописот мора да биде приоритет на новата Влада бидејќи тој ќе разреши уште една дилемма – околу миграциите, односно иселувањето на граѓаните од Македонија.
Според стандардите на Европската унија, односно според Еуростат, во секоја земја попис треба да се прави на секои 10 години. За спроведување на пописот одлучува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови.