АНАЛИЗА: Сиромаштијата удри по многудетните семејства

Алармантен тренд на осиромашување открива последното истражување на Заводот за статистика со наслов „Лаекен индикатори за сиромаштија“. Само за една година, или од 2012 до 2013 година бројот на сиромашни семејства со најмалку две деца се зголемил за речиси 6 500. Истражувањето покажа дека сиромаштијата на ниво на државата се намалила, но и натму тоа не ја менува сликата дека секој четврти граѓанин не може да ги задоволи основните животни потреби. Економистите и социолозите посочуваат дека сиромаштијата не се искоренува со пропагнда, туку со конкретни мерки и стратегии, jaвува Порталб.

Само за една година, нови 6 500 сиромашни семејства

Во Македонија има 500 400 лица што живеат под праг на сиромаштија. Нови податоци на статистиката покажуваат дека во 2013 стапката на сиромаштија во 2013 та година изнесувала 24,2% и во однос на годината претходно таа се намалила за 2 проценти поени. И покрај ова намалување, според социолозите и натаму секој четврти граѓанин во земјава не може да ги задоволи основните егзистенцијални проблеми.

„Практично ние во последните десет години и немаме позначајно поместување кога зборуваме за сиромаштија. До 2002 та година стапката се движеше под 20 отсто, но потоа, откако се зголеми, се движи околу 30 отсто, секое вакво минимално намалување воопшто не влијае, односно не укажува на позначително менување на состојбата”, вели универзатитескиот прфесор, социологот Илија Ацевски.

Она што дополнително алармира е продлабочувањето на сиромаштијата кај многудетните семејства. Имено, според статистиката, 147 578 домаќинства со две деца помали од 14 години. Во споредба со 2012, бројот на овие сиромашни семејства се зголемил за нови скоро 6 500. Еве колкава е стапка на сиромаштија кај дел од домаќинствата според бројот на членови: кај семејства со двајца возрасни и деца 24,8%, најдлабока е сиромаштијата кај многудетните семејства со двајца возрасни со три или повеќе издржувани деца 49,9%, потоа стапката на сиромаштија во домаќинство од самохранродител со издржувани деца изнесува 29,9%.

Најниски стапки на сиромаштија пак има кај лицата што живеат сами или пак семејства без деца. Овие податоци, според социолозите покажуваат дека сегашните политики, кои често се обоени и со пропаганда, тешко даваат резултати.

„Кај четиричлените семејства, кои се сметаат за најбројни, главно има по еден вработен и тој е со ниски примања.Овие семејства, особено оние со децата на воздраст од 10 до 17 години, имаат и поголеми трошоци поради поголемите потреби за децата, нивно издржување и образование. Тоа е таа најранлива категораија на граѓани“, објаснува Ацевски.

Од друга страна за да ги стимулира многудетните семејства, кои често се и на листата корисници на различни видови на државна помош, освен што годинава Владата одлучи да ја зголеми помошта за 10%, веќе спроведе и програма за финасирање на песни со тема семејство и семејства со многу деца, историска тематика и детски песни. За оваа намена Владата објави дека ќе одвои пет милиони евра во период од десет години.

Има ли решение за сиромаштијата?

Последното статистичко мерење покажа дека и натаму најдлабока стапка на сиромаштија има кај најранливите категории на граѓани, кај невработените од 43,7%, со намалување во однос на состојбата од 2012 та година. Од друга страна, не се намалува стапката на сиромаштија кај вработените, која останува на исто ниво од 11,1%.

„За жал трендот е долгогодишен , а Македноија никогаш не успеа да се извлече од тој магичен круг на сиромаштијата и никогаш не успеавме барем да се приближиме кон тие стандарди на западниот свет.
Сиромаштијата се јавува на различни ниво и во различни форми , со различен интензитет но во секој случај генерлната оценка и слика е дека ние сеуште не успеваме ниту одблиску да градиме , односно да наликуваме на некаво богато општество. Интересно е дека тој тренд на осиромашување сега се јавува и како резултат на новите отпуштања и откази во фирмите поради крзата , но тоа е само екстерен фактор ,а секако тука се интерните фактори,“оцени неодамна социологот Ѓорѓи Тоновски.

Економистите препознаваат неколку начини за искоренување на сиромаштијата: прво , да се направи структурна анализа од страна на државата со прецизни податоци за тоа кои се категориите на лица што се сиромашни во континуитет, особено анализа за оние кои повеќе од една година се сиромашни по што треба да се добие одговор за карактерот и економската позција на семејствата на кои тие луѓе припаѓаат. Следен чекор се новите вработувања, но не во јавниот туку во приватниот сектор. Третото прашање се однесува на степенот на формалните и неформалните квалификации, знаења и стручност кои треба да ги поседува невработениот, односно според економистите мора да постои Национална Стратегија на државата за планирање на работната сила според доминантните дејности и гранки кои што државата ги подржува преку различни форми на субвенционирање.

Според документот „Милениумски развојни цели”, посветен за Македонија токму годинава , сиромаштијата во земјава треба да се сведе на само 9,5 отсто, стапка која според социолозите остана само проекција на хартија. Според еден од извештаите на Светска Банка, бројот на луѓе во Македонија што живеат со помалку од 2 долари на ден ( што е параметар за дефиницијата за сиромшатија) во 2012 та година се зголемил на 140000, при што се бележи раст на оние што не можат да ги задоволат основните животни потреби. Според анализата, само 5 проценти од граѓаните располагаат со 49 отсто од доходот во земјата.

Извор: Порталб