Анализа: Што донесе новата верзија на предлог-законот за медиуми?

Нацрт-законот за медиуми претрпе промени!  Новиот предлог, кој доцна синоќа беше објавен на ener.gov.mk, содржи дел од забелешките кои ги упатија новинарските здруженија, но значаен дел од текстот на законот останува непроменет.

Со објавата на новата верзија, станува сè поизвесно дека Владата е решена да донесе закон за медиуми и покрај барањето на ЗНМ, МИМ, ЦРМ и ССНМ да го повлече предлог-законот.

Најконтроверзниот член 4 став 3, кој во претходниот предлог овозможуваше ограничувања  на слободата на медиуми во одреден ситуации, кога е нужна „заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или на правата на другите“ или пак заради „зачувување на авторитетот и независноста на судската власт“,  е целосно променет, и сега гласи „Слободата на медиумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот на Република Македонија и меѓународното право“.

По големиот број реакции во јавноста дека Владата се обидува да внесе цензура во интернет медиумите, членот насловен „издавач на електронски публикации“ исто така го нема во новата верзија на предлогот. Во последниот нацрт, во членот 51 се дефинира дека секое правно или физичко лице може да врши дејност на издавање на електронска публикација, доколку дејноста ја впише во Централниот регистар и има седиште и уредништво во Македонија.

„Агенцијата води регистар на издавачи на печатени медиуми и регистар на издавачи на електронски публикации, кои ги објавува на својата веб страна“, гласи став 4 од членот.

Според најавите на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, законот нема да ги регулира забавните портали, форумите, блоговите и социјалните мрежи, туку сите информативни веб-портали.

Новиот предлог повторно регулира голем дел од односите во редакциите и ги обврзува издавачите на медиуми во рок од 90 дена од денот на започнување со работа да донесат општ акт, кој ќе биде јавно достапен и ќе го уредува составот на уредништвото на медиумот и правата, обврските и одговорностите на одговорниот уредник, уредниците и новинарите.

Членот 16 од новиот предлог-закон предвидува сите медиуми јавно да ги објават и нивните извори на финансирање (реклами, спонзорства…) до 31 март во секоја тековна година, на посебен образец пропишан од Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Освен тоа, ќе треба јавно да ги објавуваат имињата на правните лица или името и местото на престојување на физичките лица кои се сопственици на акции или на удел кај издавачот на медиумот, со податоци за процентот на акциите или уделот кој го стекнале и датумот на стекнување.

Ќе треба да се објавуваат и податоците за одговорните уредници, остварените вкупни приходи и расходи на издавачот на медиум во претходната година, како и податоци за просечната слушаност или гледаност на издавачот на медиум во претходната година. Сите издавачи на медиуми се должни податоците да ги објават во најмалку еден дневен весник, еднаш годишно, најдоцна до 31 март во тековната година и исечок од објавата да и достават на Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги во рок од 15 дена од денот на објавувањето.

Составот на Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги која ќе биде формирана за прв пат во земјава и ќе има широки овластувања ќе се состои од седум члена, еден од мнозинското здружение на новинарите на Македонија, три по предлог на Собранието и три од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Советот на Европа во анализата на нацрт-законот, предупреди за опасноста власта да има голема контрола во Агенцијата и предложи членовите на новото тело да се бираат со двотретинско мнозинство во Собранието и да се зголеми бројот на членови кои ги предлага граѓанскиот сектор.

Анализа: Што донесе новата верзија на предлог- законот за медиуми?Медиумската заедница смета дека иако е потребно време за сериозна анализа на новиот предлог, тој е многу сличен како претходниот.

Потпретседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Драган Антоновски, вели дека новата нацрт-верзија на законот за медиуми која ја објави Владата е доказ дека новинарите биле во право кога го критикувале законот.

„Ова е доказ дека тој закон за медиуми беше неупотреблив. Очигледно во оваа верзија се направени многу промени, што значи дека Синдикатот бил апсолутно во право кога го критикуваше предлог-законот и ги достави своите забелешки. Сега прашањето е зошто не одговори министерот на нашето прашање, колку време ќе ни даде за анализа за најновата верзија. Ние не можеме да даваме половични мислења за предлогот и затоа повторно ќе ангажираме експерти, ќе направиме сериозна анализа на предлог-законот и ќе излеземе со нашите забелешки“, изјави Антоновски за Радио МОФ.

Анализа: Што донесе новата верзија на предлог- законот за медиуми?Од Центарот за развој на медиуми велат дека остануваат на ставот дека предлог-законот треба да биде повлечен.

„Имав кратко време да го погледнам законот. Во него се вградени сите минорни забелешки, но клучните забелешки од сите релевантни институции и домашни и странски не се. Од тој аспект, законот останува на исто проблематично рамниште како и претходно. Остануваме на ставот сите (ЦРМ, ЗНМ, МИМ и Синдикатот), дека законот има тешки концептуални дефекти и дека треба да се повлече на сериозна доработка. Анализите на ОБСЕ и ЦОЕ се во ист правец“, изјави Роберто Беличанец од ЦРМ за Радио МОФ.

Кристина Озимец