[Анализа] Самопослугата на Вучиќ: од ЛГБТ премиерка до руски Мигови

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја разреши повеќемесечната дилема и одлучи за нов мандатар на српската влада да ја предложи Ана Брнабиќ, досегашната министерка за јавна управа и локални самоуправи. Вучиќ образложувајќи ја одлуката ги наведе нејзините стручни и лични квалитети, но од друга страна постигна и друга маркетиншка цел: сите светски и регионални медиуми во прв план истакнаа како Србија ја добила првата геј премиерка, пишува во анализата на Дојче веле.

Ана Брнабиќ: безопасен експерт

Постојат неколку причини зошто Александар Вучиќ се одлучи за експертска опција на местото на премиерот, вели за ДВ политичкиот анализитар Бранко Радун.

„Со изборот на непартиска личност, Вучиќ избега од бројните партиски турбуленции. Да избереше некој од Српската напредна партија, тоа би предизвикало незадоволство кај ‘напредните’, бидејќи таму има луѓе кои имаат некои свои видувања и надежи од партискиот ангажман. Да го избереше Ивица Дачиќ, тоа пак ќе предизвикаше незадоволство кај ‘напрдните’, бидејќи и тие сметаат дека имаат добри политички кадри. А, тука е секако и проценките дека жена од тој профил би имала далеку подобра комуникација со Западот“, смета Радун.

Српската длабока држава

„Со изборот на експерти вие на некој начин избегнувате работите да не се завршуваат, бидејќи е некој дел од политичките кланови“, продолжува Радун.

„Но, ако имате некој кој не е дел од тоа, можете да очекувате дека работите ќе се завршат, а идниот премиер го чекаат навистина тешки одлуки“.

Но, тука веднаш го поставуваме следното прашање: како некој што е политички аутсајдер ќе остварува авторитет внатре во владата?

Бранко Радун вели дека Ана Брнабиќ ќе црпи авторитет од Вучиќ, но дека не е преголем оптимист дека ќе успее да скрши некои отпори кои може да се појават.

„Бидејќи, тие некои политички кланови, и оние што би ги нарекле длабока држава во Србија, а тоа се структури кои не се менуваат – војска, безбедност, стопанството – тие имаат подолго траење и промените на челото на владата нив често и не ги засега. Тоа е веќе вообичаен кумски начин на функционирање во Србија, каде некои луѓе се менуваат, но се друго останува исто. Ана Брнабиќ, со помош на Вучиќ, веројатно ќе се обиде нешто да промени – некаде можеби и ќе успее – но, дали тоа ќе биде доволно и дали граѓаните на тоа така ќе гледаат, тоа е веќе друга приказна“.

Фигура во туѓа држава

„Мислам дека Александар Вучиќ се одлучи за експертско решение бидејќи на тој начин нема опасност некој од местото на премиер политички да го загрози“, оценува за ДВ Драгољуб Петровиќ, главен уредник на „Данас“.

„Ана Брнабиќ не може да му ги презеде пратениците, и ќе претставува некоја фигура на местото на премиерот во владата која веројатно нема да ја составува“.

„Од друга страна, во владата околу неа ќе бидат искусни политички волци, а јас би додал и валкани играчи, и што е најважно кадри верни пред се на Вучиќ. Јас се плашам дека тие помалку ќе ја прашуваат неа, а многу повеќе него. Во пракса, тоа ќе значи дека министрите повеќе одат во партијата и кај претседателот за мислење и идеи, отколку што ќе одат во кабинетот на премиерот. Не верувам дека со тоа таа ќе успее да наметне некои свои решенија врз министрите“, додава Петровиќ.

СНП – еден мозок и едно мислење

Во пресрет на конечната одлука за премиер, српските медиуми изнесоа бомбастични најави како Социјалистичката партија на Србија ќе ја уништи колацијата ако Ивица Дачиќ не биде премиер, а слично незадоволство наводно постои и кај СНП. Бранко Радун смета дека СНП секако би бил незадоволен, но мисли дека тоа не е нешто што би направило голем проблем.

„Можеби ќе има некои краткотрајни незадоволства и судири, но не гледам дека тоа драстично ќе го смени односот на пратениците, или дека тоа ќе го доведе во прашање авторитетот на Вучиќ. Во самата јавност, Вучиќ можеби може нешто да изгуби кај конзервативната јавност поради сексуалната ориентација на идната премиерка, но од друга страна, можеби ќе добие некои поени кај либералниот дел од јавноста“.

Драгољуб Петровиќ смета дека СПС уште пред претседателските избори тргувале некои важни министерски места, и дека Ивица Дачиќ фигурирал како резервна варијанта.

„Што се однесува на пратениците од СНП, тие се еден мозок и едно мислење. Вие досега не сте виделе овде многу дисонантни тонови. Во таа партија нема ниту многу капацитет кој може да го загрози Вучиќ, а во целата партија такви можеби ги има само двајца-тројца. Некој внатрешен судир не може да се случи ако Вучиќ доживее пад во популарноста, но засега сме далеку од тоа“.

„Им се допаѓало тоа некому, или не, темата за сексуалната ориентација е неизбежна во секој разговор за идната премиерка. Тоа се виде и по медиумската реакција на нејзиниот избор, и од таа страна, потегот на Вучиќ може да се чита како добар маркетинг. Вучиќ е мајстор за маркетинг“, го коментира тој момент Петровиќ.

„Тој точно знае што ќе биде привлечно за домашните гласачи, но и што ќе им се допадне на потенцијалните партнери во светот. На тој начин, со поставување на ЛГБТ личност за премиер, можеби сака да ја покаже својата цврста проевропска ориентација. А кога ќе пристигнат авионите ‘МиГ’ од Русија, тогаш ќе ја покаже својата проруска ориентација. Тоа ви е политика на самопослужување: секој зема она што му се допаѓа, а тука има широк избор на производи – од ЛГБТ премиер до руски Мигови.