Просечната плата во земјава изнесува 447,7 евра – со значаен пораст за повеќе од 9 отсто во однос на лани истиот месец, пишува „Порталб“. Ваквиот показател според дел од економистите е резултат на два фактори , едниот, променетата структура на вработени – високо платените ги задржале работните места додека намалување има кај оние со пониски плати.
Во дел од секторите – раст на платите и до 20%
Највисоки плати заработуваат вработените во енергетскиот сектор, рударството, информации и комуникации и финансиските дејности. Најниски плати во август биле исплатени во хотелиерството и сервисните дејности за храна, административни и помошно-услужни дејности, во земјоделството. Според официјалната статистика во август висината на просечната нето плата во земјава изнесувала 447,7 евра и во однос на лани истиот месец таа е зголемена за цели 39 евра или за 9,6%.
Во некои дејнсоти растот на платите е значајно голем. Така, месечна исплатена нето-плата по вработен во секторот уметност, забава и рекреација е зголемена за дури 20.4 %, во земјоделство, шумарство и рибарство за 16.9 % а вработените во дејности на здравствена и социјална заштита земале за 13.2 % повисока просечна плата во однос на лани. Речиси во сите сектори регистриран е раст на просечната плата освен кај хотелиерството и сервисните дејности за храна – каде е регистриран пад за 0,4%.
На што се должи раст на просечната плата за 9,6%? Дел од економистите коментираат дека ова е последица на променетата структура на вработените, оние со ниски примања губејќи го работното место се изземаат од статистика, а остануваат оние со повисоки примања – поради што се зголемува и просекот.
„Два фактори влијаат на овој тренд. Прво, има сектори кои работеа многу добро за време на летниот период и второ, намалување на бројот на вработени во секторите во кои платите се ниски. Или, во овие мерења практично “ги нема“ најслабо платените кои главно остануваат без работа. Иземањето на ниските плати ги остава во статистиката високите плати кои пак го зголемуваат републичкиот просек“ – коментираат економистите.
Но, на месечно ниво, во споредба со јули регистриран е пад на месечната проечна плата во повеќе дејности, меѓу нив и такви кои беа под удар на економската криза.
Просечна плата август/јули
Трговија на големо и мало -0,6%
Информации и комуникации – 2,0%,
Финансиските дејности – 1,2%,
Стручни, научни и техничките дејности -2,3 %,
Образование -0,3%
(извор Завод за статистика)
Трошоците за основни животни потреби зголемени за скоро 13 евра во споредба со лани .
Додека просечната – нето плата во државата на годишно ниво статистички е во пораст, податоците покажуваат и раст на трошоците за живот. Според “минималната потрошувачка кошница“ што ја објавува ССМ, во август за да се подмират основните животни трошоци биле потребни 545 евра.
Минимална синдикална кошница / Просечна плата
Август 2020 545,3 евра 447,7 евра
Август 2019 532,5 евра 408,5 евра
(извор Завод за статистика)
Речиси 42% од трошоците завршуваат за исхрана а 32% за домување – плаќање на сметки.
Месечни трошоци
Исхрана и пијалаци 228 евра
Домување 175 евра
Хигиена 38 евра
Превоз 40 евра
Останато (здравје, култура, облека) 64 евра
(извор: ССМ )
Во споредба со август, лани, вредноста на потрошувачката кошница е зголемена за скоро 13 евра. Со цел да се амортизира ударот врз животниот стандард, планирана е финансиска поддршка за работодавачите за исплата на плати која ќе биде скалеста и во согласно со падот на приходите на компанијата, односно ќе се движи од 14.500 до максимални 21.776 денари по работник.
Извор: Порталб