Анализа: Поскапуваат храната и нафтата – дали ценовниот бран се ближи кон Македонија?

Цените на горивата во земјава веќе се враќаат на ниво од пред почетокот на корона кризата, храната, односно пченката и пченицата веќе се со повисоки цени на светските пазари, поскапуваат и железото и другите метали. Трендовите на светските пазари укажуваат на тоа дека посткризно-следува ценовен бран, пишува „Порталб“.

Домашната статистика веќе регистрираше раст на цените на мало за 1,6%. Во јануари живеачката станала поскапа – регистрирани се повисоки трошоци за храна, горива, струја, алкохол, пијалаци.

Цените зголемени за 1,6% – живеачката “поскапа“ за 1000 денари …

Првиот месец од годинава во знакот на ценовен раст – повисоки цени на земјоделските и индустриските производи, на прехранбените, на пијалоците, на услугите, регистрираа новите статистички мерења. Во јануари годинава во споредба со истиот месец лани цените на мало се зголемени за 1,6%.

Цени на мало јануари 2021

Земјоделски производи 2,4%

Индустриски производи 1,1%

Прехранбени производи 2,1%

Пијалоци 1,3%

Граѓаните велат дека иако не на “голема врата“, сепак цените на одредени производи “тивко“ се зголемуваат.

„Да, цените се зголемени. Еве во аптеките бедоксинот чинеше 40 – на денари, а сега е околу 150 денари. Купив капки за очи, ги платив 215 денари, а преходно чинеа околу 100 до 120 денари“ – вели една скопјанка.

Мерењата во првиот месец од годинава освен што измерија инфлација од 1,6%, очекувано покажаа раст на трошоците на живот – за 1,9% поголем во однос на јануари 2020 та. Најмногу, за дури 8% се зголемени трошоците за алкохол и тутун, а за 4,4% се зголемени за сметки, домување, горива. Но, позначајно зголемување е регистрано и кај храната за 2,3% – ставка која најмногу го “тенчи“ семејниот буџет. За дури 13 % се зголемени трошоците за масла и масти, за 3,5% за овошје, а 3,3% за зеленчук додека за електрична енергија, гас и горива трошоците се со пораст од 5,3%.

Анализите на светските пазари упатуваат на тоа дека оваа 2021 ва, која треба да биде година на економско заздравување, е под “закана“ од ценовен бран. Така, нафтата на светските пазари веќе е со нагорен ценовен тренд, а очекувањата се дека ќе расте и цената на стратешките земјоделски производи – пченката и пченицата.

„Последните оценки за цените на примарните прехранбени производи упатуваат на нагорна ревизија за 2020 и 2021 година. Поголемиот раст на цената на пченицата во двете години во најголема мера се должи на очекувањата за пониско производство на пченица на глобално ниво, како и на најавите за воведување на данок на извоз од страна на Русија (во периодот 15.2 ‒ 30.6.2021 година) – се наведува во еден од најновите извештаи на Народната банка и се додава:

„Кај цената на пченката е проектиран поголем раст во 2021 година од предвидениот во октомври. Ваквите ревизии кај пченката се резултат на загриженоста околу понудата од Јужна Америка, заради подолготрајната суша, како и очекувањата за поголема побарувачка, во најголем дел од Кина. Воедно, проекциите за пониски залихи и слабиот долар се дополнителни фактори за раст на цените на житарките“

Прогнозите навестуваа тренд на ценовен раст кој веќе се прелева и кај нас и се рефлектира во секојдневната живеачка. Според податоците од ССМ – растат трошоците за живот. Во декември биле потребни 548 евра за да се подмират основните месечни трошоци што е за скоро 1000 денари повеќе во споредба со истиот месец 2019 та година.

Синдикалната минимална кошница

Исхрана и пијалоци 14 078 денари

Домување 10 817 денари

Хигиена 2 386 денари

Превоз 2 464 денари

Облека и обувки 2 159 денари

Култура 1 066 денари

Одржување на здравје 724 денари

Сумирано – дури 74% од трошоците се само за храна и за сметки, по околу 7% се за хигиена и превоз додека 2% се за одржување на здравјето. Просечната нето плата во земјава изнесува 448 евра со тенденција на пораст во изминатата година.

Извор: Порталб