Анализа: Објективноста на наставниците не значи и квалитет!

Анализа: Објективноста на наставниците не значи и квалитет!Фокусот на екстерното оценување врз објективноста на наставниците е проблематичен затоа што објективноста не секогаш значи и квалитет, велат од Центарот за истражување и креирање политики за Радио МОФ.

Ана Мицковска- Ралева од ЦРПМ вели дека наставникот може да оценува објективно меѓутоа да не ги учи своите ученици квалитетно и добро.

„Може да е слаб наставник, да има слаби ученици, екстерните оценувања тоа да го потврдат и автоматски наставникот може да добие покачување на плата затоа што е проценет како многу објективен. Може дури и да напредува во кариерата иако во суштина тој наставник не е квалитетен и не носи квалитетни знаења кај учениците“, вели таа.

Екстерното оценување се најде и во анализата „Квалитетот на системот за обезбедување квалитет во основното образование“ на Центарот, каде се препорачува дека е неопходна ревизија на политиката за екстерно оценување, особено во поглед на користење на резултатите за проценка на објективноста на наставниците и нивно наградување и казнување врз основа на овој критериум.

„Екстерното оценување самото по себе не би било проблематично доколку основна функција не е проценка на објективноста на оценувањето на наставниците. Анализата не покажа некои други земји или други системи кои користат екстерно оценување за да ја проценуваат објективноста на наставниците, обично тоа се користи за да се анализираат образовните политики, како тие се имплементираат, да се види квалитетот на знаење на учениците итн..“, додава Мицковска- Ралева за Радио МОФ.

Izjava na Ana Mickovska-Raleva od CRPM by Radio Mof on Mixcloud

Експертите нагласуваат дека еден тест не може и не треба да биде мерило на успешноста на учениците, наставниците и училиштето во целина.

„Функцијата на екстерните тестирања треба да биде првенствено проценка на нивото и квалитетот на постигањата на учениците, како и информирање на образовниот систем за квалитетот на различни образовни политики. Проценката на наставниците треба да опфаќа повеќе аспекти од нивната работа, но главниот фокус да биде на нивната работа за време на часовите, како и квалитетот на знаењата компетенциите со кои се стекнуваат учениците“, се вели во анализата, објавена во рамки на проектот за обезбедување квалитет во основното образование во Југоисточна Европа.

Екстерното оценување кое трае до 10 јуни, ги крена на нозе голем број од учениците и родителите кои не се согласуваат со оваа новина во образованието. Протести против новините во образованието се одржаа во Скопје, Струга, Струмица, Прилеп и Тетово и други градови низ земјата. Надлежните во неколку наврати нагласија дека учениците не треба да се грижат за своите оценки, бидејќи екстерното оценување се прави заради контрола на објективноста на наставниците при доделувањето на оценки.

К.О.