Повеќе пари преку дотации по основ на Персонален данок на доход и ДДВ од следната година ќе се слеваат во општинските каси. Владата предизборно стокми законски измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со кои локалните власти ќе имаат на располагање повеќе финансии , пишува „Порталб“. Владата тврди – на ваков начин општините ќе стекнат финансиска стaбилност но најави и “санкционирање“ на финансиската недисциплина.
Дали поголемата комоција за трошење навистина ќе донесе и финансиска стабилност на општини ..
И официјално кампањата за локалните избори почна. Само неколку дена претходно Владата посегна по законски измени со кои од почетокот на 2022 та година ќе се обезбедат повисоки донации од централно на локално ниво по два основи – приходи од Персонален данок на доход и по основ на ДДВ. Сега дотациите по првиот основ изнесуваат 3% а по основ на ДДВ се одвојуваат 4,5%. Повеќе пари за трошење – поголема финансиска стабилност, велат од Владата. Очекуваат дека оваа реформа ќе ја зголеми и фискалната дисциплина во трошењата на локално ниво.
„Реформата се состои од три столба: зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите на општините, зголемување на финансиската дисциплина , намалување на долговите и домаќинско работење, и зголемена транспарентност и отчетност“ – изјави министерот за финансии Фатмир Бесим кој стави потпис на предложените законски измени.
Зголемувањето на приходите е планирано да се спроведе од 2022 та до 2024 та година.
Приходи од Персонален данок на доход
2021 година 3%
2022 година 4%
2023 година 5%
2024 година 6%
Во апсолутни износи, сега општините по основ на приходи – дотации од персонален данок на доход добиваат 9,7 милиони евра а во 2024 та средствата ќе се зголемат на 60 милиони евра. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште.
Приходи по основ на ДДВ
2021 година 4,5%
2022 година 5,0%
2023 година 5,5%
2024 година 6,0%
Општините на “должничката листа“ – со вкупен долг од 61,4 милиони евра..
Додека власта бара механизам како да ја зајакне финансиската кондиција на општините – голем дел од нив и натаму генерираат долгови. Последните достапни податоци од Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со првата половина од годинава сите општини во земјава должеле 61,4 милиони евра. Во вториот квaртал во споредба со првиот квартал забележано е намалување на долговите за околу 1 милион евра, но во спорeдба со вториот квартал од лани – долговите на општините се зголемени.
Доспеани а неплатени обврски на општините
1 квартал 2021 година 62,3 милиони евра
2 квартал 2021 година 61,4 милион евра
2 квартал 2020 година 55,7 милиони евра
Изминатите години власта направи неколку обиди за директна финансиска помош на општините. Во 2018 година беа инјектирани 50 милиони евра -средства со кои општините отплатија 50% од својот долг. Тогаш овој механизам се оправда на истиот начин како и сега – да се ослободи развојниот потенцијал на општините , да се деблокираат сметките, да зајакне финансиската стабилност на локалните власти за да се впуштат во посериозни инфраструктурни проекти и инвестиции на локално ниво. Од тогаш досега – дел од општините успеаја да се “ослободат“ од дел од долговите, но има и општини кои “натоварија на грб“ нови доспеани а неплатени обврски.
„Порталб“ повикувајќи се на ревизорски извештај објави дека во периодот од 2017 до 2019 година од централно ниво на општините се трансферирале скоро 50 милиони евра за програми и проекти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните – парите пристигнале од повеќе институции на централно ниво.
Сега, со најавената реформа, која значи повеќе пари за новите градоначалници, власта очекува дека системски и долгорочно ќе се обезбеди финансиска стабилност и функционалност на општините но јавноста очекува и одговори како ќе се контролира и санкционира недомаќинското менаџирање на локалните буџети кои се полнат со пари на граѓаните.
“Новост е дека финансиска недисциплина ќе се прогласува по сила на закон, со исполнување на критериумите за настанување на финансиската дисциплина. Идејата не е да се блокираат општините, туку тие ќе имаат на располагање три инструменти, односно можност за користење на условен кредит од Министерство за финансии, издавање општинска обврзница за познат купувач и издавање структурна обврзница од страна на Министерството за финансии“ – најави министерот Бесими.
И сегашната законска предвидува механизми за неликвидните општини кои доколку имаат блокирана сметка во континутет од 6 месеци мора да прогласат финансиска нестабилност. Така околу десеттина општини и во текот на оваа година се со блокирани сметки. И покрај ова – општини кои законски беа под блокада продолжија со алиментирање на тековните трошоци, па некои дури и се купуваа општински автомобили додека инвестициските активности без под “мраз“. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ упатија политичка критика на најавените законски измени.
„Фискалната децентрализација има значење за граѓаните само доколку со парите некој управува домаќински и одговорно, а власта на Заев и неговите градоначалници покажаа немаат абер од тоа“ – велат од ВМРО ДПМНЕ.
Она што треба да следува како решение за дисциплинирано трошење е намалување на непродуктивните трошења, реално планирање на средства, рационализација во работењето, редовно сервисирање на обврските.
Извор: Порталб.мк