[Анализа] Незадоволителна отвореност на собранијата во Македонија и регионот

Отвореноста на Собранијата од регионот е незадоволителна и наместо напредок, парламентите од регионот назадувале за 2%, во споредба со 2016 година.

Ова се резултатите од истражувањето на Фондацијата Метаморфозис, во соработка со партнерите од регионалната мрежа на НВО-и „Action See“, во кое се анализирале нивото на транспарентност, отвореност, отчетност на собранијата од регионот на Западен Балкан.

Пад на отвореноста има кај сите собранија на регионално ниво, со исклучок на албанското Собрание кое постигнало подобри резултати во 2017 (75%), споредено со 2016 (60%).

„Она што сигурно загрижува е фактот дека транспарентноста и комуникацијата со граѓаните се на најниско ниво кога станува збор за подготовка, дискусија, усвојување и презентација (во формат на отворени податоци) на најважниот годишен законски акт во секоја земја – државниот буџет. Просечниот резултат за секоја земја во 2017 во областа на државниот буџет е 41%, додека сите земји, со исклучок на Албанија (86%) и Црна Гора (58%), имаат процент кој варира од 19% (Србија) и 32% (Косово).“, се наведува во анализата.

Истражувањето покажува дека отвореноста на македонското Собрание е на исто ниво како и минатата година, односно исполнува 58% од индикаторите за отвореност. Додека во студијата се истакнуваат добрите практики на отвореност преку редовното објавување на дневните редови за работа, видео и стенограмските записи од седниците и гласањето на пратениците, сепак резултатите од 2018 година покажуваат дека променетиот собраниски состав и новото владејачко мнозинство сè уште не покажува видливи резултати во поглед на активната транспарентност на оваа институција.

Истражувањето забележува дека и понатаму останува потребата дека македонското Собрание треба да ја подобри отвореноста на комисиите.

Во врска со консултирањето на јавноста, истражувањето покажува дека Собранието во Македонија исполнува 61% од овие индикатори при носењето на законите и другите политики.

„Во рамките на индикаторите за консултативни процеси со јавноста при носењето на законите беше оценуван и бројот на закони за кои Собранието побарал мислење од стручната или општата јавност. Само за 50% од законите и другите акти или стратегии работните тела побарале мислење од јавноста, што уште еднаш потврдува дека консултативниот процес мора да биде гарантиран и задолжителен, а не да се практикува факултативно“, се посочува во истражувањето, напоменувајќи дека нема значително подобрување во носењето на голем број закони во скратена постапка.

Индикаторите за Собраниски надзор на РМ се исполнети со високи 83%, а само собранијата на Албанија (88%) и на Црна Гора (93%) имаат подобри резултати. Во истражувањето се напоменува дека резултатите се високи бидејки македонското Собрание ги гарантира вообичаените контролни механизми, како што се: пратеничките прашања, интерпелацијата, надзорните расправи, иако минатата година била специфична по тоа што основниот контролен механизам што го користи Собранието – пратеничките прашања – беа речиси неупотребени.

Индикаторите за пристапот до информации и за финансиската транспарентност се оценети со 61 и 62% исполнување на индикаторите за отвореност. Истражувањето потенцира дека е поразително што Собранието на својата веб страница го нема посочено офицерот за пристап до информации од јавен карактер, ниту ја ажурира и објавува на годишно ниво листата на информации од јавен карактер.

Индикаторите за отвореност, во поглед на државниот буџет, со 27% исполнување, претставуваат најслабиот резултат на Собранието.

Мерењето било спроведено од декември 2017 година, до крај на март 2018 година. Од Метаморфозис информираат дека врз основа на резултатите од истражувањето, развиле збир препораки и упатствo коe ќе бидe доставенo до релевантните институции.