Анализа на РСБСП: 144 жители го изгубиле животот во сообраќајни незгоди во 2015

Вкупно 144 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди во Македонија во 2015 година, покажува анализа на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Според овие бројки, приближно на секои два и пол дена имало по една жртва во сообраќајот.

За споредба, во 2014 година животот во сообраќајни незгоди го загубиле 130 лица. Бројките покажуваат дека има зголемување на бројот на несреќи од минатата година.

Анализите на РСБСП покажуваат и дека најзагрозена група на учесници во сообраќајот се пешаците. Во 2015 година во сообраќајна несреќа смртно настрадале 43 пешаци. Во пораст е и бројот на загинати деца во сообраќајни незгоди. Податоците покажуваат дека  во 2015 година девет деца на возраст до четири години го загубиле животот во сообраќајни незгоди, односно 13 деца на возраст од пет до 18 години.

„Се надеваме дека со повисоко ниво на јавна свест, со повисоко ниво на лична одговорност на секој учесник во сообраќајот и со засилени активности на сите надлежни институции 2016 година ќе биде многу поуспешна, со многу помал број на настрадани лица на патиштата во Република Македонија“, велат од РСБСП.

Статистиката покажува дека земји со најголем број на жртви во сообраќајот се Босна и Херцеговина (14,2 на 100000 жители) и Албанија (12,8 на 100000 жители). Македонија, со бројка од 7,2 на 100000 жители е далеку зад Велика Британија (2,8 на 100000 жители) и Шведска (2,9 на 100000 жители).

Од Советот во пресрет на претстојните празници, апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.