[Анализа] Министерството за здравство со години покрива само дел од партиципацијата за породувања

Јавните здравствени установи од 2013 до 2017 година не добиле скоро 119 милиони денари од страна на Министерството за здравство поради неисплатената партиципација за породувања, односно Министерството не обезбедило средства за 48% од породувањата во јавните здравствени установи, покажува анализата на Здружението ЕСЕ.

Според Здружението, оваа пракса значи дека здравствените установи извршуваат здравствени услуги за кои не добиваат средства за партиципација, што се одразува негативно врз нивната работа, врз состојбата во породилиштата и врз квалитетот на здравствените услуги во нив.

Преку анализата на програмите во периодот од 2013 до 2018 година и на усвоениот буџет наменет за партиципација за извршените породувања, од ЕСЕ дошле до следните заклучоци:

  • Министерството за здравство секоја година не планира да ја покрие партиципацијата за сите породувања во јавните здравствени установи во Македонија. Истото се однесува како за неоперативните, така и за оперативните породувања.
  • Министерството за здравство секоја година одвојува различни износи за покривање на партиципацијата за породувањата со значителни разлики, иако низ годините нема големи разлики во бројот на породувања во јавните здравствени установи.
  • Јавните здравствени установи во периодот од 2013 до 2017 година не добиле 118.623.767 денари поради неисплатената партиципација за породувања.

Од ЕСЕ бараат итно усвојување на измени на Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Република Македонија за 2018 година и да се одвојат дополнителни 17 милиони 780 илјади денари за да се покрие партиципацијата за сите породувања во јавните здравствени установи во 2018 година.

„Со буџетот за 2018 година се предвидени средства во износ од 11.250.000 денари за партиципација за неоперативни породувања и средства во износ од 14.700.000 денари за партиципација за оперативни породувања. Под претпоставка дека во 2018 година ќе има приближен број на породувања како во 2017 година, со Програмата за 2018 година повторно нема доволно средства за партиципација за сите породувања, односно претпоставката е дека во 2018 година нема да биде исплатена партиципација за околу 2.800 неоперативни породувања и за околу 3.400 оперативни породувања“, посочуваат од ЕСЕ.

Во буџетот на Програмата за партиципација, Владата предвидува покривање на партиципацијата за сите породувања во јавните здравствени установи. Притоа одвојува 1 250 денари за партиципацијата за едно неоперативно породување, додека за едно оперативно породување (царски рез) одвојува 4 200 денари.

Според истражувањето, во 2017 година на јавните здравствени установи не им е покриена партиципацијата за 30% од неоперативните породувања и за 59% од оперативните породувања, а во Програмата за партиципација за 2018 година нема посебна буџетска ставка за покривање на неизмирени обврски од 2017 година.

Анализата претставува дел од работата на ЕСЕ на полето на намалување на новороденечката и доенечката смртност во Македонија.